Аеродром бара стратешки партнер за да стане „паметна општина“

Фото: Општина Аеродром

Решавање на проблемите со уличното осветлување, дигитални дисплеи со информации за работата на локалната самоуправа, бесплатни интернет-зони и многу други придобивки за граѓаните ветуваат од Општина Аеродром со реализација на проектот „Смарт Аеродром“.

Оттаму информираа дека Општината го објави повикот на избор на стратешки партнер, кој преку јавно приватно партнерство треба да го реализира овој проект „Смарт Аеродром“. Од Аеродром велат дека овој проект претставува сеопфатен напор за беспрекорно интегрирање на напредните технологии во општината, во насока на подобрување на различните аспекти на секојдневното живеење.

Трошоците за реализација на проектот во целост ќе ги понесе приватната компанија што ќе биде избрана, а Општината освен што нема да има финансиски импликации, ќе оствари и заштеда на електрична енергија, а со тоа и заштеда на средства, тврдат од Аеродром.

 Паметни светилки на територијата на целата општина кои треба да го решат проблемот со осветлувањето во Аеродром и да влијаат врз заштедата на електрична енергија, електрични тротинети и велосипеди што ќе ја зголемат мобилноста на граѓаните, а со тоа и кон намалување на загадувањето, дигитални дисплеи преку кои граѓаните ќе се информираат за работата на општината, бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили се само дел од придобивките за граѓаните на Аеродром, кои ги предвидува проектот „Смарт Аеродром“. Освен тоа, тој ќе влијае и врз остварување на стратешките приоритети преку подигнување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, придонес за почиста и позелена општина и директното влијание кое „Смарт Аеродром” ќе го има на квалитетот на живеењето во општината – објаснуваат од Аеродром.

Како што велат од локалната власт, проектот „Смарт Аеродром“ претставува реализација на ветување дадено во изборната програма и е значаен чекор напред за граѓаните и општината, покажувајќи ја решеноста за прифаќање на новите технологии и воведување одржливи практики во насока на подигнување на квалитетот на живеење.

Со имплементирање на овие иновативни решенија, го отвораме патот за посветла иднина во Аеродром – иднина каде што технологијата, одржливоста и поврзувањето се спојуваат во еден проект кој пред сѐ ќе донесе низа бенефити за граѓаните, а потоа ќе донесе технолошки напредна општина со која сите ќе се гордееме. „Смарт Аеродром“ е проект што е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром – тврдат од Аеродром.

Откако ќе заврши повикот на воспоставување на јавно-приватно партнерство и ќе се избере стратешкиот партнер, ќе следува реализација на проектот. Од Општината очекуваат имплементацијата на проектот да започне на почетокот на следната година, а по завршувањето на имплементацијата Аеродром да биде првата високотехнолошка и паметна општина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот