
Аеродромци ќе уживаат на зелени површини, од Општината тврдат дека се уредуваат дури три парка
Аеродромци пролетва треба да добијат неколку нови зелени површини, односно паркови како што тврдат од Општината. Од нив еден ќе се наоѓа во Стар Аеродром, вториот во Лисиче, а третиот во Ново Лисиче.
Препорачано
Неделава Општина Аеродром, заедно со јавното претпријатие за комунални дејности работат на хортикултурно уредување површина во Стар Аеродром, каде ќе се раззеленува, според нив, еден од најголемите паркови во овој дел од општината.
Со работните активности се предвидува уредување на целиот простор во и околу детското и спортското игралиште, поставување нов систем за наводнување, како и санација на оштетените реквизити и урбаната опрема – информира градоначалникот Тимчо Муцунски.

Неодамна започна и изведба на нов парк на површина од 1000 метри квадратни лоциран на влезот на Лисиче, покрај булеварот Февруарски поход. Паркот треба да биде готов до крајот на април, со што жителите од овој дел на општината ќе добијат нов простор кој ќе биде целосно уреден со зеленило и урбана опрема.
Третиот парк кој треба да се уреди кај ТЦ „Лиса“ во Ново Лисиче беше најавен уште минатата година, но досега уште не е направен. Изградбата на паркот не само што не почна пред една година, туку до денес е само прекопан просторот, покрај кој е поставен еден мобилен тоалет, па жителите реагираат дека и покрај ветувањето, ништо не се работи, а наместо зеленило пред себе имаат само земја и прашина.
Од Општина Аеродром објаснуваат дека изведбата трае подолго затоа што во реализацијата се вклучени повеќе партнери, но тврдат дека се работи на терен, па месецов ќе се изведуваат и пешачки патеки.

Во делот на паркот кај „Лиса“, познат како парк „Радост“, постапката за негова изведба трае подолго од вообичаено, затоа што во целосното реализирање на проектот се вклучени повеќе партнери и тоа дополнително влијае врз неговото пролонгирање. Инаку, досега завршен е ископот на земјените работи, поставена е хидрантска мрежа, а во моментов се поставуваат електричните инсталации. Во текот на следниот месец ќе почне изведбата на пешачките патеки, по чие завршување ќе се пристапи кон хортикултурно уредување на просторот и засадување на зелени садници – велат од Аеродром.
Од Општината очекуваат до крајот на пролетта да заврши изведбата на паркот „Радост“, со што граѓаните ќе добијат нов зелен простор за одмор и релаксација.
На просторот во Ново Лисиче каде што беа избришани две градежни маркички, ќе се гради парк