
АЦВ објави повик за кофинансирање обуки на 27 пилоти
Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) денеска објави Јавен повик за кофинансирање на обуки на кандидати за стекнување дозволи од областа на летачките операции за 2025-та. Ќе финансира до 50 проценти од цената на чинење за обуките на 27 кандидати.
Препорачано
Директорот на АЦВ Драги Стојаноски вели дека Агенцијата презема мерки за надминување на состојбата со сериозен недостаток на воздухопловен персонал. Одлучиле дел од средствата од кои се финансира АЦВ да ги наменат за унапредување на цивилното воздухопловството.
Тој појаснува дека Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе учествува со финансиски средства во висина до 50 проценти од цената на чинење за обуки на седум кандидати за стекнување на дозвола за пилот на авион PPL(A), на тројца кандидати за стекнување дозвола за пилот на едрилица, на пет кандидати за стекнување дозвола за пилот на ултралесни авиони, на 10 кандидати за стекнување на дозвола за пилот на параглајдер и на кандидати за стекнување на дозвола за падобранец.
-Со ова се потрудивме да опфатиме поширок спектар на воздухопловен персонал, дел – обуки кои се основа за понатамошен професионален развој и градење на професионална пилотска кариера и дел на обуки од областа на воздухопловно спортски активности како стимул за досегашните високи резултати постигнати од поединци, тимови и репрезентацијата на европски и светски натпревари – изјави Стојаноски.
Покрај тоа што ќе создадеме минимум 27 нови воздухопловци, дополнува Стојаноски, целта на овој проект е да ги раздвижи и обнови активностите во аероклубовите и спортските аеродроми кои соочувајќи се со финансиски проблеми, нерешени имотно-правни односи, без помош од државата – полека замираат, а кои во минатото беа основата за создавање на персонал кој подоцна го користеле и МО, воздухопловните единици на МВР, СОЗР, ДЗС – пилоти на АТ 802А Fire Boss, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Стојаноски напомнува дека 27 кандидати за воздухопловен персонал во исто време на обука во Република Македонија немало во последниве 25 до 30 години.
На Јавниот повик за кофинансирање на обуки на кандидати за стекнување дозволи за приватни пилоти, може да се пријават кандидати кои ги исполнуваат услови:те Да се државјани на Република Северна Македонија; Да имаат завршено 4 годишно средно образование; Да се на возраст од 18 до 30 години; Познавање на англиски јазик минимум ниво Б2; Да се психофизички способни (лекарското уверение ќе се достави само од избраните кандидати пред склучување на Договорот).
Рокот за пријавување е 15 дена од денот на објавувањето со можност да се повтори доколку нема доволен број на пријавени кандидати.
Критериум за избор на кандидатите кои ги исполнуваат условите се резултатите од тестот што ќе го спроведе Агенцијата (математика и физика). За секој вид на дозвола ќе бидат избрани највисоко рангираните кандидати според бројот на бодови од тестот, се наведува во повикот.