Фото од герила-акција во Битола во 2016 година, за време на „Шарената револуција'

Аболицијата е потребна, ама во зрели општества со чесни претседатели, а кај нас ќе се укине

Законот за помилување со кој се укинува аболицијата што ја дава претседателот стигна во владина процедура и се очекува наскоро да дојде и во Собранието пред пратениците на усвојување, по што шефот на државата веќе нема да може да аболира лица пред да заврши кривичната постапка против нив, односно, помилувањето ќе биде можно само на барање на осуденото лице или негов полномошник и тоа дури откако ќе има правосилна пресуда против него. Оваа владејачка гарнитура реши да расчисти со можноста претседателот да биде над судовите и по сопствен избор, независно од волјата на осомничениот или обвинетиот да го прекине кривичниот прогон против него. По усвојувањето на законот ќе постои само помилување на осудени лица, а не и аболиција, која, пак, по дефиниција значи ослободување од кривично гонење на лице за кое постои основано сомение дека сторило кривично дело и  предизвикува „изостанок на судска пресуда“.

Но, според експертите, не е добро да ја снема аболицијата како можност во кривично-правниот систем на Македонија, затоа што некогаш може да има потреба за таков акт на милост од државата, а ќе нема законска опција.

Власта предводена од СДСМ и ДУИ уште пред неколку години најави дека ќе ја укине можноста за аболиција и ќе донесе нов закон за помилување. Актуелниот закон е донесен во 1993 година и во него имаше член 11 дека претседателот може да помилува и без да се спроведе пропишаната постапка кога тоа е во интерес на Републиката или кога посебни околности за на личноста и на кривичното дело укажуваат дека тоа е оправдано. Овој член од законот беше укинат од поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ откако поранешниот претседател Бранко Црвенковски во 2008 година го аболицираше Зоран Заев кој тогаш беше струмички градоначалник за аферата „Глобал“, па потоа беше вратен во 2016 година, исто од ВМРО-ДПМНЕ, што експретседателот Ѓорге Иванов го злоупотреби и амнестираше 56 лица осомничени во истраги на Специјалното јавно обвинителство, по што се случија протестите „Шарена револуција“. Овој правен институт не беше употребен од првиот претседател Киро Глигоров, ниту од актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, кој се залага за негово укинување.

– Со предлог-законот за помилување конечно е вклучена заложбата на претседателот Пендаровски за исклучување на аболицијата, односно да се оневозможи правото на шефот на државата да помилува лица за кои е во тек истражна или судска постапка. На овој начин ќе се овозможи кривичните судови да ја остварат во целост својата основна функција, а таа е во соодветна постапка да ја утврдат вината на обвинетите и да ги осудат виновните сторители на кривични дела. На тој начин се придонесува во зајакнување на независноста на судството и, воопшто, функционирањето на системот на поделба на власта и правната држава – соопштија деновиве од кабинетот на Пендаровски.

Политички маркетинг за да се врати довербата во судството

Политикологот Иво Ранѓеловиќ вели дека аболицијата е политичка алатка, која и покрај тоа што делумно ѝ пркоси на правната, сепак се темели врз морално-етички основи.

– Проблемот е во менталниот капцитет на општеството, а со тоа и на системот, совесно и исправно да ја користи оваа алатка, односно да не ја злоупотребува. Сметам дека укинувањето повеќе се заснова на политички маркетинг за да се инјектира некаква доверба во судството и во властите и да се затвори просторот за манипулации при повикување на аболиција. Но, сведоци сме дека и да не се искористи аболицијата од страна на претседателот на државата, постои голем простор за манипулации во носењето на правосилни одлуки од самото судство, така што неретко нема ни потреба од аболиција за да постигнете политичка цел. Да заклучам, аболиција треба да постои како конвенционална алатка во политилата, но останува луксуз за нашите политички елити истата да ја применат како што доликува – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Иво Ранѓеловиќ

Пратеникот Павле Трајанов, пак, вели дека аболицијата е уставна категорија и не може туку така да се избрише и укине со закон.

– Сега се предвидува во иднина помилувањето да е можно само откако ќе заврши кривичната постапка и дури после правосилната пресуда. Но, институтот аболиција го има во многу држави низ светот, некаде аболиција дава Владата, некаде претседателот, а некаде пратениците. Треба да постои и да се користи во исклучителни ситуации, а не да се злоупотребува, како досега. На пример, можно е да има политички прогон протов некого, осомниениот да е во притвор, судскиот процес да трае пест-седум години до правосилност и каков ефект ќе има лицето од евентуална аболиција после толку време? Ќе нема ефект – вели Трајанов за „Слободен печат“.

Павле Трајанов – политичар / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Трајанов потенцира дека треба да се заострат критериумите за аболицијата, да се утврди попрецизно во кои околности се дава.

– Не може лошото искуство од поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов да биде основ да се укине аболицијата. Јас како пратеник нема да го поддржам овој закон ниту во собраниските комисии, ниту на пленарна седница. Точно е дека секој треба да одговара за своите постапки, ама не смееме како држава да останеме без аболицијата, која, повторувам е уставно право на претседателот – вели Трајанов.

Во Уставот, меѓу надлежностите на претседателот е наведено дека „дава помилување во согласност со закон“.

Политиката не е над судовите

Од Министерството за правда кога го изготвија нацрт-законот за помилување нагласија дека при изотвувањето се разгледани повеќе компаративни искуства, од кои посебно се значајни решенијата од правните системи на членките на ЕУ.

– Причините за овој закон произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот закон кои беа лоцирани во неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања. Постојниот закон за помилување е донесен во 1993 и претрпе бројни измени, а одредени одредби беа укинати од Уставниот суд. Прашањето за правото на Претседателот да помилува лица беше едно од најекспонираните, за што работната група застана зад решението согласно кое претседателот може да даде помилување само за казната, а не и за кривичноро гонење – соопшти неодамна Министерството за правда.

Претседателот на работната група за законот проф. д-р Бобан Мисоски пред неколку месеци за „Слободен печат“ објасни дека аболицијата е политичка одлука со која шефот на државата е ставен над судовите и без судски процес одлучува за нечија невиност, а со новото законско решение никој не може да биде исклучен од кривичното гонење. Целта на новиот закон е да се даде сила на судовите, да се докаже или да не се докаже пред судовите нечија вина. Проф. Мисовски тогаш истакна дека помилувањето, исто како и аболицијата се политички одлуки, но разликата е во тоа што прво судовите ќе одлучуваат, а потоа политиката ако сака нека помилува некое лице. Односно, со аболицијата политичарот може да одлучува дали некој е виновен или не, а аболицираниот засекогаш ја губи можноста пред судот да докаже дека е невин.

Во законот детално е разработена постапката за помилување и се предвидени кратки рокови од 30 дена за секоја од институциите што се вклучени. За доцнење во постапката се пропишува прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите.

Во новото законско решение нема ограничување за тоа за кои кривични дела не е можно да има помилување, односно, секој осуденик, без разлика за какво дело е осуден и на колкава затворска казна може да поднесува молби за милост од државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот