
АА: Критично е снабдувањето со струја, а дел од енергетските капацитети се најчесто надвор од функција
Од податоците објавени и обработени од секторот за економија при Алијанса за Албанците, само за месец ноември 2022 година, во отсуство на производство од енергетски капацитети во земјава, преку јавни набавки увезени се 87.000 KWh електрична енергија од добавувачи кои работат во пазарот на енергетиката, сума за која од државниот буџет се издвоени над 20 милиони евра, стои во соопштението на Алијансата за Албанците.
Препорачано
„Прогнозите се лоши, бидејќи и во текот на месец декември годинава, во недостиг на производство од енергетските капацитети во земјава, ќе треба да ја обезбедиме потребната количина на снабдување со електрична енергија од увоз, каде што се проценуваат проекциите на прогнозите дека ќе треба да се издвојат од државниот буџет над 30 милиони евра, бидејќи цените на енергетските берзи во Европа деновиве бележат нагорен тренд, каде што 1 KWh се тргува за околу 400 евра“, велат од Алијансата за Албанците
Од партијата наведоа пример кој според нив илустративно ја покажува лошата состојба.
„Во текот на вчерашниот ден, 29.11.2022 година, на земјата и беа потребни 17.216 KWh електрична енергија, коишто потреби беа обезбедени во износ од 12.636 KWh (или 73,4%) од производството на капацитети на земјата (термоцентрали, хидроцентрали и постројки на ветерна енергија) и 4.580 KWh (или 26,60%) од увоз преку јавни набавки.Доколку капацитетите за производство на енергија во земјава работат со полн капацитет, само од термоцентралите, без да се бројат хидроцентралите и ветерните централи, можат да произведат над 19.000 KWh дневно„ соопштија од Алијанса за Албанците.
Оттаму обвинија дека во најголем број случаи работаат само два блока на РЕК Битола додека РЕК „Осломеј” најчесто е надвор од функција поради поправка или избегнување на дефекти, а како резултат на неисправноста и недостигот на локално производство, количината потребна за снабдување со електрична енергија, велат од Алијансата за Албанците.
Од АД ЕСМ информираат дека во изминатиот период во ТЕЦ „Осломеј“ се вршеле неопходните ремонтни активности, како и други помали зафати, се со цел, како што велат, во текот на грејната сезона да имаме сигурна работа на термоелектраната.
„Од вчера попладне ТЕЦ „Осломеј“ е вклучен на мрежа и произведува електрична енергија во електро-енергетскиот систем“, информираат денеска од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Оттаму додаваат дека во изминатиот период во термоелектраната се вршеле неопходните ремонтни активности, особено на млиновите и каналите за јагленова прашина кои, како што додаваат од ЕСМ, се најизложени на влијанието на користењето јаглен од различни наоѓалишта.
„Целта на зафатите беше да имаме сигурна работа на капацитетот во грејната сезона, бидејки станува збор за термоелектрана изградена пред 42 години“, велат од ЕСМ.