Зијадин Села / 19 август 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

АА и Алтернатива бараат итна оставка на Владата и широка владина коалиција

Итна оставка од Владата и широка владина коалиција меѓу сите политички актери побараа денеска Алијансата за Албанците (AA) и Алтернатива на прес-конференција организирана по повод 100 дена на сегашната владина коалиција. Преку видео-спот оваа коалиција ги претстави, како што рекоа, нереализираните ветени проекти.

Зијадин Села, претседател на Алијанса за Албанците, истакна дека секој поединец во оваа Влада не се разликува еден со друг и оти можат да се квалификуваат како лажговци.

– Оваа Влада е влада на лажговци и претседателот на Владата веднаш треба да поднесе оставка. Да се направи широка владина коалиција меѓу сите политички актери и да се преземаат одговорности од сите политички актери. Заедно да седнеме и да работиме околу кризата, заедно да седнеме да преземеме обврски и да го решиме спорот со соседот. Лажат и си лажеле и за време на кампањата и продолжуваат и до ден денеска да ги лажат граѓаните во врска со евроинтеграциите и со другите ветувања кои и ги дадоа. За време на кампањата зборуваа за евроинтеграции, за договори за добрососедство, а од друга страна знаеле уште тогаш дека ќе се соочиме со блокада од страна на Република Бугарија Не можеш да се однесуваш така, кога потпишуваш договор со еден сосед, а од друга страна да ја бојкотираш комисијата која треба да донесе заеднички одлуки околу договорот кој треба да се спроведе, рече Села.

Тој потенцира дека ДУИ имала многу ветувања, а од друга страна гледа дека само едно сакат да го реализираат – нивниот бизнис и затоа деновиве се обидуваат да ја легализираат марихуаната.

Села посочи дека над половина од учениците од основно и средно образование ја немаат можноста да следат онлајн настава. Бројките од новозаразени и починати од Ковид-19, рече тој, покажуваат како власта менаџирала со пандемијата и корона-кризата.

Африм Гаши, претседател на Алтернатива истакна дека најголемо потфрлување оваа влада имаше во евроинтеграциските процеси, економијата и почетокот на учебната година.

– Денеска ние сме држава со најголема смртност во Европа, а најлошо стоиме и во регионот. Оваа влада воопшто не се подготви  за вториот бран, иако имавме сознанија дека ќе има втор бран и не дочека неподготвени. Друг пораз на оваа влада се евро-интеграциските процеси. Начинот на кој владата се однесуваше со соседот Бугарија и во однос на внатрешните процеси како таа ги исклучи сите значајни фактори во државата, вклучувајќи ја и албанската и македонска опозиција, оваа несплотеност и егоистично однесување во однос кон овој голем предизвик беше една од причините за блокада и непостигнување на успех на овој многу важен процес за нашата држава. Во однос на економијата имаме големи порази, се очекува над 85.000 вработени да бидат отпуштени од работа во текот на годината. Воопшто не се наградени најбитните работници кои се справуваат со кризата, докторите и наставниците, рече Гаши.

Во однос на предлогот за гласање недоверба на Владата, Села истакна дека нивната коалиција ќе поддржат таков предлог.

– Но, би било подобро да даде оставка владата и да се формира широка владина коалиција со цел да се поштедат граѓаните од говорите за тоа кој е поголем патриот и предавник. Да се направи широка владина коалиција е начин на решавање на проблемите, рече Гаши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!