
33 години од свирепото убиство на семејството Голубовиќ – седумгодишниот Петар бил стрелан двапати
Во летото 1992 година, во виорот на мачната и крвава братоубиствена војна во Босна и Херцеговина, се случуваа незамисливи злосторства и ѕверства, во кои настрадаа многу цивили. Сите страни во војната спроведуваа систематско етничко чистење на „другите“, а тоа најмногу го чувствуваа беспомошните – невооружените луѓе, старците, децата. Еден од тие случаи е оној на четиричленото семејство Голубовиќ од гратчето Коњиц, крвнички убиено од босанската специјална полиција.
Препорачано
Петар и Павле Голубовиќ имале само 7 и 5 години кога биле стрелани заедно со своите родители во близина на родниот град. Нивните родители Ѓуро и Власта биле професори во средно училиште во Коњиц и останале во градот, иако огромното мнозинство од Србите избегале во претходните месеци. Тие верувале дека се безбедни и оти немаат причина да се грижат или да се плашат, бидејќи никому не му направиле зло.
Една ноќ во јули 1992 година, припадници на специјалната полиција упаднале во нивниот стан и ги одвеле таткото Ѓуро, мајката Власта и нивните синови узводно по реката Неретва и ги застрелале на околу пет километри од Коњиц.
По неверојатна случајност, седумгодишниот Петар го преживеал пукањето, а кога злосторниците заминале, тој излегол од под телата на своите убиени родители и отишол да побара помош среде ноќ. Детето тргнало по локален пат и стигнало до полициски контролен пункт во селото Бијела, каде им раскажало на полицајците кои биле таму што се случило.
Но, полицијата го одвела седумгодишното дете повторно кај истите луѓе кои му ги убиле мајката, таткото и братот, а тие повторно го стрелале, овој пат внимавајќи да ја „довршат“ работата.
Долго време по војната во Коњиц владеела тишина за ова ужасно злосторство. Првиот што ја прекинал таа тишина бил жител на Коњиц, Бошњак – Анис Косовац.
На влезот на православните гробишта во Коњиц, Анис поставил спомен-плоча на своите соседи од друга вера, момчињата Петар и Павле, која денес потсетува и предупредува на нешто што никогаш не смееме да го заборавиме.
Осуден бил само еден од злосторниците – на само 12 години затвор
За убиството на семејството Голубовиќ бил осуден локалниот командант на бошњачката специјална полиција, Миралем Мациќ. Тој во 2000 година добил само 12 години затвор за случајот, но и за други злосторства врз Срби во Коњиц и околината. Затворската казна ја одлежал, а во 2011 година бил повторно уапсен и обвинет за други злосторства. За нив не стигнал да биде казнет – починал во 2011 година.
Ниту еден од другите директни извршители на стрелањето на Ѓуро, Власта, Петар и Павле Голубовиќ никогаш не е изведен пред лицето на правдата.