
ЕБРД клучен мотор на економскиот импулс за Украина
На конференцијата за обнова на Украина во Рим, Европската банка за обнова и развој ќе потпише нови договори со украинските власти за финансирање на проекти во обновлива енергија, банкарски гаранции и урбана инфраструктура. Целта е да се привлече приватен капитал, да се зајакне пазарот на капитал и да се поддржи човечкиот потенцијал преку иницијативи за обука, интеграција и психосоцијална поддршка.
На претстојната Конференција за обнова на Украина (Ukraine Recovery Conference – URC25), што ќе се одржи на 10 и 11 јули во Рим, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) планира потпишување серија стратешки договори со украинските власти кои ја поставуваат темелната рамка за долгорочна обнова и економски раст на земјата, погодена од војната. Според официјалното соопштение на банката од 7 јули, фокусот е ставен на четири клучни области: енергетска стабилност, кредитен пазар, јавна инфраструктура и развој на пазарот на капитал.
Препорачано
Со оглед на тоа што над 50% од украинската енергетска инфраструктура е сериозно оштетена, новите проекти ќе се фокусираат на поддршка на децентрализирани решенија за енергетско снабдување и обновливи извори на енергија. Според ЕБРД, целта е да се создадат услови за побезбедно, независно и отпорно снабдување со електрична енергија, особено за урбаните и индустриските центри. Со поддршка од Европската унија и други донатори, ќе се објават механизми за намалување на ризикот од инвестиции во овој сектор, со што се очекува да се привлече приватен капитал.
Во областа на финансиите, ЕБРД подготвува портфолио гаранции за украинските банки. Тие гаранции ќе овозможат пласирање до 900 милиони евра кредити за клучни сектори како агроиндустријата, логистиката, преработувачката индустрија, фармацијата, како и проекти за енергетска ефикасност во домувањето. Оваа мерка треба да го раздвижи кредитниот пазар во услови на ограничен капитал и висок ризик за домашните банки.
Во паралелни иницијативи, ЕБРД ќе потпише договори со повеќе украински општини за модернизација на урбаната инфраструктура. Се работи за инвестиции во јавниот транспорт, топлинската енергија и урбаната мобилност ,сегменти кои директно влијаат врз квалитетот на животот и враќањето на нормалниот живот во заедниците.
Покрај тоа, ќе бидат објавени и заеднички вложувања во фондови за инфраструктура и ризичен капитал со таргет-фонд од 600 милиони евра, дел од пошироката програма „Украина пред сe“ („Ukraine FIRST“), која е поддржана и од Европската инвестициска банка.
Заедно со украинското Министерство за финансии и националните регулатори, ЕБРД ќе потпише меморандум за развој на локалниот пазар на капитал. Целта е создавање вертикално интегрирана берза и унапредување на посттреговските услуги, нешто што се смета за клучно за враќање на довербата на странските инвеститори.
Во рамки на конференцијата ќе биде претставена и „Повелбата за отпорност на човечкиот капитал“ , заедничка иницијатива на ЕБВР и украинското Министерство за економија. Овој документ има за цел да ги поттикне работодавците да инвестираат во развојот на човечкиот потенцијал, преку обуки, поддршка на менталното здравје и вклучување на раселени лица, ветерани и други ранливи групи во економскиот живот. Иницијативата се гледа како клучна алка во обидот за обнова на пазарот на труд и градење на социјално отпорно општество по војната.
ЕБРД, која досега инвестирала над 20 милијарди евра во Украина, го засилува своето присуство како водечка институција во реконструкцијата. Според Европската комисија, URC25 ќе биде и форум за координација на западните донатори и деловни партнери околу механизмите за распределба на фондови и резултатски мониторинг.