фото: Косово, Alamy / Profimedia

Зошто многу муслимански земји не го признаваат Косово како држава?

Последната земја со муслиманско мнозинство што го призна Косово како држава беше Бангладеш, во 2017 година.

По прогласувањето на независноста од Србија во 2008 година, Косово е признаено само од половина од 57-те земји-членки на Организацијата за исламска соработка, која се опишува себеси како „заеднички глас на муслиманскиот свет“. Меѓу нив предничат Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Сепак, многу други – како Индонезија со над 275 милиони жители или Иран со над 88 милиони – не го признаваат Косово.

Сервисот на Радио Слободна Европа на албански јазик ги контактираше министерствата за надворешни работи на овие две земји, како и на Тунис, Ирак и Сирија, за да ги праша дали размислуваат за ставот за Косово, но не добија одговор.

Слично на тоа, Министерството за надворешни работи и дијаспората на Косово не одговори на интересот на РСЕ за неговите лоби активности во овие земји.

Во интервју дадено за весникот „Араб Њуз“ во 2022 година, премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека е „голема грешка“ што некои земји со мнозинство муслимани одбиваат да го признаат Косово како држава.

„Мислам дека тие беа дезинформирани од Србија. Некои од нив ја задржуваат таа позиција и поради блиските врски со Руската Федерација. Ги повикувам сите земји во светот да ја признаат независноста на Косово – заради долгорочен мир, стабилна безбедност и признавање на правата на луѓето на слобода и самоопределување“, изјави Курти за „Араб Њуз“.

Косово има над 1,5 милиони жители со муслиманско мнозинство, но според Уставот тоа е секуларна држава.

И покрај поддршката на некои од најголемите и највлијателните земји во светот, Косово сè уште не е дел од Обединетите нации и е признато само од малку повеќе од 100 од 193 земји-членки на ОН.

Гзим Висока, професор по студии за мир и конфликт на Градскиот универзитет во Даблин, вели дека неподготвеноста на многу земји со мнозинско муслиманско население да го признаат Косово произлегува од сложената интеракција на геополитичките влијанија и историските сојузи.

Меѓу нив, тој конкретно го спомнува Иран, за кој вели дека има блиски врски со Србија и Русија и е склон да следи антизападни наративи. Како таква, има влијание и во земји како Сирија, Либан и Ирак.

„Потоа, има и земји како Мароко и Палестина, кои имаат посебни врски со Србија, поради внатрешните проблеми што ги имаат со одредени региони и историските врски што поранешна Југославија ги воспостави со нив“, вели Висока.

„Значи, имаме малку врска со перцепцијата на Косово како западен или американски проект, а делумно и со наследството на Југославија на Блискиот Исток и Северна Африка“, вели тој во програмата на Радио Слободна Европа.

Мајкл Бишку, професор по историја на Универзитетот Аугуста, вели дека ставот на некои држави што не го признаваат Косово е поврзан со нивниот страв дека неговата независност може да создаде преседани, но и со притисокот на Русија – главниот сојузник на Србија на меѓународната сцена.

„Не мислам дека Иран ќе го признае Косово, бидејќи држи чекор со Русија. Тие две земји се доста поврзани. Иран и помага на Русија во војната во Украина. Некои други земји можеби ќе ја разгледаат својата позиција кон Косово во иднина, но не и Иран“, вели Бишку.

За Висока, некои од акциите на Косово, вклучително и неговата одлука да воспостави дипломатски односи со Израел и да отвори амбасада во Ерусалим, не испратија добри сигнали до многу земји со мнозинско муслиманско население.

„Статусот на Ерусалим е оспорен и постои меѓународен консензус дека неговиот статус кво нема да се промени додека не се најде решение за конфликтот меѓу Израел и Палестинците. Косово отиде чекор подалеку и зазеде страна во овој спор и затоа беше сфатен како непријателски чин од арапските земји“, вели Висока.

Косово ја отвори својата амбасада во Ерусалим во 2021 година, по договорот со Србија постигнат во Белата куќа. На одлуката тогаш се спротивстави Арапската лига, но и Европската Унија, која ја опиша како „несреќна“.

Висока вели дека Косово, од страв да не биде стигматизирано или сфатено како исламска земја, ја превиде потребата да има добри односи со многу незападни земји.

„Во однос на Ерусалим и Палестина, Косово има простор да биде поексплицитно, да го заземе ставот на ЕУ во однос на случувањата во Газа и Либан и да не направи ништо повеќе. Но, Косово досега беше речиси еднострано – ги осуди нападите од 7 октомври минатата година [во Израел] и главно молчеше за злосторствата и насилството врз палестинските цивили“, вели Висока.

Според него, Косово треба да создаде попринципиелна и поурамнотежена надворешна политика, која би испратила сигнали до земјите кои не го признале, дека тоа не е против арапскиот свет или нивните интереси.

Палестинската управа, која со децении се бори против израелската окупација, не го признава Косово, а поранешниот палестински лидер Јасер Арафат беше критикуван за блиските врски со поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ.

Бишку се сомнева дека многу земји со мнозинско муслиманско население се добро информирани за Косово и историскиот контекст на неговата независност.

„Палестинците се лути и се прашуваат зошто западните земји не се загрижени за признавањето на палестинската држава колку што се загрижени за Косово“, изјави Бишку за Expose.

Со ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, во текот на изминатата година, Косово во неколку наврати изрази поддршка за Израел.

Кога Иран ја нападна израелската држава на 1 октомври, премиерот Курти напиша на платформата „Икс“ дека Косово го поддржува правото на Израел на самоодбрана, како и сите напори за постигнување итен прекин на огнот.

За аналитичарите, Косово го нема луксузот да зазема страна или да биде регионален во надворешната политика, додека не обезбеди поуниверзално признавање.

Висока признава дека интеракцијата со земји како Сирија, кои имаат авторитарни или полуавторитарни режими, може да го чини Косово неговиот западен имиџ, но вели дека со тивко и концентрирано лобирање, непризнаените земји можат да ги променат своите позиции.

Во тој случај, според него, придобивките за Косово би биле големи.

„Покрај продлабочувањето на економската, политичката, културната и воената соработка, овие земји имаат глас во ОН и би биле клучни за унапредување на Косово како суверена држава во рамките на ОН.

За членство во повеќето меѓународни организации потребни се две третини од гласовите на нивните членови, а блокот на арапските или муслиманските земји е моќен“, вели Висока.

Бишку се согласува. Во случај на поголема солидарност на земјите со мнозинско муслиманско население, Косово исто така би можело да стане членка на Организацијата за исламска соработка, вели тој.

„Албанија е членка долго време. Во случај на членство, Косово би можело да добие и финансиска помош, што би било корисно. Но, се додека нема солидарност во оваа организација, тешко е да се каже кога тоа може да се случи“, вели Бишку.

Турција, која самата го призна Косово само еден ден по прогласувањето на независноста, постојано ги повика земјите со мнозинско муслиманско население да го следат нејзиниот пример.

Самиот турски претседател Реџеп Таип Ердоган пред три години вети дека ќе работи на зголемување на бројот на признавања на Косово.

Радио Слободна Европа ја праша турската амбасада во Приштина за активностите за лобирање на Анкара, но не доби одговор.

Косово последното признавање од Израел го доби во февруари 2021 година.

Шефот на косовската дипломатија Доника Гервала во интервју дадено за медиумот Калксо на крајот на минатата година изјави дека работи на нови признавања, но дека не може да ја наметне својата волја на другите земји.

Меѓутоа, во свет каде сојузите и партнерствата се важни, Косово требаше да сфати дека неговото прифаќање бара повеќе од само добра волја – можеби посериозна дипломатија и малку повеќе финеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот