
Зошто Европа е толку слаба?
Надворешната млитавост на Европа е последица на нејзината внатрешна млитавост. И покрај сите тврдења за просветленост, европската политика останува еднакво ситничава и кратковида како и политиката во која било локална општина.
Бидејќи Соединетите Држави се исфрлени од рамнотежа, Кина е сè поавторитарна, а Русија во полн „Д-р Злобник“ режим, на светот очајно му треба некој во кого може да верува. Постои само еден кандидат за таа улога: Европа. Ниту една друга земја или регион не е истовремено слободен, просперитетен, надарен со вистински вредности – и доволно голем за да биде пример за светот. Но, не е доволно „добрите дечки“ да бидат добри. Тие мора да бидат и силни и решителни. А тука, се плашам, Европа потфрла. Во моментов Европа изгледа сè освен силна. Изгледа млитаво.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Прво дојде таканаречениот трговски договор со САД. Како што напиша мојот колега од Лондонската школа за економија Луис Гарикано, тоа „не беше договор, туку капитулација“. Европа се согласи на низа отстапки, вклучувајќи и прифаќање 15% царини на своите клучни извозни производи – за возврат не доби ништо.
Потоа следуваше собирот на европските лидери во Белата куќа на 18 август. Ако постои една вештина што претседателот Доналд Трамп ја практикува до совршенство, тоа е режија на сцената. Седеше во својата голема фотелја, зад својата огромна маса, додека лидерите на Германија, Франција, Италија, Финска, Украина и Обединетото Кралство, заедно со претседателката на Европската комисија и генералниот секретар на НАТО, седеа подгрбавени од другата страна, како апликанти што се надеваат дека ќе добијат работа во неговото старо ријалити-шоу The Apprentice. Ниту една слика не можеше подобро да ја долови таа остра асиметрија – и во дрскоста, и во вистинската моќ.
Но, не постои причина што Европа е осудена да клечи пред самоволието на американскиот претседател. Европа има многу поголема популација од САД, а комбинираниот БДП на Европската Унија, Обединетото Кралство и другите богати држави надвор од ЕУ, како Норвешка и Швајцарија, се приближува до американскиот.
Вистината е дека слабоста на Европа ги одразува нејзините сопствени грешки. Да почнеме од најголемата: безбедноста. Гарикано тоа добро го формулира: „Не можете да добиете трговска војна против војска што ве штити“. Пред шеесет години, опсесијата на францускиот претседател Шарл де Гол со независна европска одбрана изгледаше како галска тврдоглавост. Денес изгледа визионерски. Руската агресија го оголи фактот дека Европа е гола без американските безбедносни гаранции – на кои не може да се потпира додека Трамп е претседател.
Европа не прави доволно за да се избори со својот безбедносен дефицит. Точно е дека издвојувањата за одбрана се зголемуваат. Од 28 европски членки на НАТО, 20 од нив во 2024 година трошеле повеќе од 2% од БДП на одбрана – што е раст од 0,6 процентни поени за само две години. Но, тоа е и понатаму далеку од 3,4% колку што трошат САД, или 4,7% колку што во 2025 година се предвидува за Полска.
Набавката на вооружување во Европа исто така е лудо фрагментирана, бидејќи секоја земја се обидува да обезбеди работни места купувајќи оружје локално. Резултатот е неефикасност и доцнења. Предложениот Европски одбранбен механизам, кој би ја вклучил и Британија и би служел како заедничка агенција за набавки, е многу подобро решение, како и идејата (барем на краток рок) да се купи оружје од САД кое ѝ е потребно на Украина и Источна Европа за да бидат безбедни.
Сето тоа води до прашањето: како Европа може да го финансира своето вооружување? ЕУ сè уште не ја завршила ниту унијата на пазари на капитал (која би им овозможила на компаниите поевтино да позајмуваат низ целиот континент), ниту банкарската унија (која би го прекинала „маѓепсаниот круг“ помеѓу банките и нивните национални влади). Ниту, пак, трајно воспоставила класа на обврзници коишто ЕУ би ги издавала во име на сите членки.
Заедничкиот долг на ЕУ беше издаден во вонредни околности за време на пандемијата на ковид-19, но не е јасно дали тој долг ќе биде обновен кога ќе доспее, а уште помалку дали ќе послужи како темел за нешто поголемо и потрајно.
Штета, бидејќи заедничките еврообврзници би донеле огромни придобивки за Европа. Не само што економски има совршена смисла да се финансира заедничката одбрана со заедничко задолжување, туку еврообврзниците би помогнале еврото да стане глобален сигурен инструмент. А времето и за таа промена е созреано.
На крајот на краиштата, благодарение на шегите на Трамп, доларот сè повеќе личи на валута на пазар во развој, а инвеститорите ширум светот бараат алтернатива. Од инвеститорска гледна точка, обврзниците што ги гарантира ЕУ, а кои не се изложени на политички и економски осцилации на поединечни земји, би биле посигурни и потечни.
Затоа би носеле пониска каматна стапка, овозможувајќи ѝ на Европа значајни заштеди.
Но, глобалното евро веројатно би било и посилно евро, а тоа е причината за колебање на политичарите од извозно ориентираните економии како Германија и Холандија. Меѓутоа, можеби посилното евро би било совршен изговор да се заврши уште една огромна незавршена работа: единствениот пазар.
ЕУ би требало да биде целосно единствен пазар за трговија со сите добра и услуги, но вистината е дека многу препреки сè уште постојат. На секои 100 евра додадена вредност во земјите на ЕУ, само 20 евра стоки се префрлаат од една земја во друга. Во САД, тој еквивалент изнесува 45 долари на секои 100.
Таа скапа фрагментација беше главна тема на обемниот извештај на Драги за конкурентноста на ЕУ, објавен во септември 2024 година, кој сега собира прашина на полица во Брисел.
Надворешната млитавост на Европа е последица на нејзината внатрешна млитавост. И покрај сите тврдења за просветленост, европската политика останува еднакво ситничава и кратковида како и политиката во која било локална општина. Кога поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2012 година вети дека „еврообврзница нема да има додека сум јас жива“, тоа не беше пример за далекувидо државничко постапување, туку едноставно смирување на локалните нативисти од пивниците.
А кога неодамна либерално-интернационалистичкиот француски претседател Емануел Макрон стори сè што можеше за да го блокира договорот ЕУ-Меркосур, тој исто така им се додворуваше на домашните фармери. Ако тоа е видот на лидерство што Европа го добива од своите најистакнати фигури, што тогаш граѓаните можат да очекуваат од политичари од понизок ранг?
Со Трамп кој се заканува од едната страна и Путин од другата, Европејците веќе не можат да си ја дозволат пасивноста на своите лидери. Единствениот преостанат „добар дечко“ на светот мора да стапи на сцена. Демократите насекаде чекаат.
Вјести
(Авторот е поранешен министер за финансии на Чиле)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“