Фото: Силвија Митевска

Живот на автопилот

Ако го третираме сегашниот момент само како алатка за да стигнеме до следниот, тогаш живееме со идејата дека идниот момент ќе биде подобар.

Колкумина од нас навистина живеат во сегашниот момент?

Колку често сме целосно присутни, со мислите и вниманието во сè што правиме? Додека зборуваме, работиме, додека гледаме некого во очи… дали навистина сме таму?

Неодамна, една случка со мојата драга пријателка, истовремено комична и малку трагична, ме потсети колку е важно постојано да се враќаме во тука и сега. Таа живее надвор од Македонија и половина година плаќала јавен паркинг, но на погрешна регистарска табличка. Секојпат ја внесувала истата, погрешна комбинација, без да забележи. Дури неодамна ѝ стигнала казна за сите тие месеци и така, одеднаш, ѝ станало јасно што се случувало.

„Знаеш зошто ти се случи ова?“, ѝ реков низ смеа. „Затоа што не беше таму додека ја внесуваше табличката. Телото ти беше тука, ама мислите ти беа некаде далеку.“

Се насмеавме, од немоќ и од препознавање. Зашто сите се пронаоѓаме во такви ситуации. Сите имаме направено нешто по инерција – испратено порака на погрешна личност, заборавено зошто сме влегле во соба, го бараме телефонот додека зборуваме на него.

Затоа што сите, барем понекогаш, живееме на автопилот. И ова не се однесува само за паркинг апликации. Додека грешката со паркингот неа ја чинеше пари, нас овие „мали исклучувања“ нè чинат делчиња од животот. Сите оние мали, секојдневни, привидно неважни моменти што ни се лизгаат низ денот – кога излегуваме од дома, кога го нарачуваме утринското кафе, кога ги поздравуваме колегите, кога се разделуваме со најблиските, кога го оставаме детето пред училиште… Моментот кога ја диплиме пижамата наутро, дали ја чувствуваме текстурата меѓу прстите? Или веќе сме со мислите што е следно, што мораме, што нè чека? Во многу од тие и други моменти, не сме присутни. Тие се случуваат, но ние не сме таму. Телото е тука, но умот бега. Некаде, во некои други, паралелни светови.

Ако го третираме сегашниот момент само како алатка за да стигнеме до следниот, тогаш живееме со идејата дека идниот момент ќе биде подобар. А овој само мора да се помине. Така се прават малите грешки. Како таа со паркингот. Но и многу поголеми. Животот ни се измолкнува. Моментите ни бегаат додека ние се држиме за планови што не се оствариле или за спомени што не можеме да ги промениме.

Сите го знаеме тој внатрешен раздор. Затоа и се вели дека вистинската свесност започнува со живеење во сегашноста. Мораме да најдеме начин да се вратиме кон себе. Дали преку медитација, дишење, движење, пишување – сеедно. Важно е да се вратиме тука. И сега.

Да бидеме будни за светот околу нас. За малите нешта. Велат дури и дека ако се фокусираме на сегашниот момент, и иднината ќе биде подобра. (парадокс е што дури и таа „иднина“ кога ќе дојде е сегашност.) А ние упорно чекаме нешто. Нешто подобро. Го чекаме викендот. Летниот одмор. Патувањето. Некоја подобра работа.

Да не бидеме само тела што се движат од една обврска до друга. Да го исклучиме автопилотот и да му дадеме шанса на животот да не изненади, сега и овде.

(Авторката е експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот