
Жителите разочарани и од новата верзија на планот: Општина Аеродром не отстапува од тоа да има згради во Лисиче
Третиот коригиран ДУП за Лисиче, поточно за Градска четврт JИ09 блок 09.01, од вчера е на јавна анкета пред граѓаните, а во вторник ќе има и јавна презентација. Од Општина Аеродром во обид да излезат во пресрет на барањата на граѓаните, тврдат дека во новата верзија на планот е предвидено дополнително намалување на бројот на станбени згради. Лисичани пак воопшто не прифаќаат во населбата да се градат згради.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што објаснуваат од Аердром при изготвување на втората и третата коригирана верзија на планот, Општината ги земала предвид забелешките доставени од граѓаните и правните лица, па во актуелната верзија на Деталниот урбанистички план, освен намалување на бројот на проектирани улици, се предвидува и две нови зелени парковски површини, намалување на бројот на објекти за групно домување, како и кратење во делот на нивната катност. Планот предвидува и можност на изградба на голем број индивидуални објекти, а со неговото донесување ќе се решат и голем дел од проблемите со легализација на индивудалните објекти за домување.
Општина Аеродром е цврсто решена да изготви детален урбанистички план каде ќе бидат земен предвид најголем дел од забелешките на граѓаните и план кој ќе ги реши отворените урбанистички прашања. Конкретната верзија на планот за дел од населбата Лисиче ги остварува нашите заложби за нови парковски површини, зеленило и хумана урбанизација на просторот. Процесот на носење на деталниот урбанистички план, општината го спроведе во транспарентна постапка со целосна вклученост на граѓаните и редовно информирање на јавноста – велат од Аеродром.
Од она што може да се види во планот е дека двете кули од по 11 ката поврзани со објект на приземје и еден кат, лоцирани на самиот агол каде се вкрстуваат булеварот Србија и 12 Македонска бригада, остануваат и во новата верзија на ДУП за Лисиче. Токму на изградбата на згради во населбата жестоко се спротивставија жителите на Лисиче.
Иако на две јавни анкетни со вкупно над 300 поднесени анкетни листови и два масовни протести на кои цела населба јасно кажа – Не за бетонизација на Лисиче, Општина Аеродром не остапува од тоа да има згради во Лисиче!!! Ние како жители на населбата сакаме да го зачуваме карактерот на населба и нашето спокојно и достоинствено живеење, додека должност на градоначалникот и на општината е тоа да го исполнат – велат од групата на граѓани „Да го зачуваме Лисиче“ во врска со најновата верзија на ДУП-от.
Оттаму ги повикуваат сите жители во што поголем број да поднесат анкетни листови и да кажат „не“ на градежниот хаос кој им се подготвува.
Предлог планот е изложен на јавна анкета во ОУ „Димитар Македонски“ до среда, 16 август, а во вторник во 17 часот ќе има јавна презентација на овој ДУП.