
Жителите од Влае отсега ќе можат да го селектираат сувиот од влажниот отпад, во посебни канти
ЈП Комунална хигиена–Скопје, во координација со Градот Скопје и општината Карпош, денеска ја започнаа реализацијата на пилот-Проектот за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата.
Препорачано
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, со Пилот-проектот ќе бидат опфатени 500 индивидуални домаќинства од населбата Влае, што ќе го селектираат својот комунален отпад на сува и влажна фракција. Тоа ќе значи дека кантите за отпад кои ги користеле досега, одсега ќе ја користат само за остатоци од храна, додека новата конта ќе треба да ја користат за пластика, хартија, стакло и метал.
– Упатувам замолница до граѓаните на населбата Влае, каде што го започнуваме проектот, да започнат со домашно селектирање на отпадот, со што мислам дека ќе придонесеме за подобрување на животната средина, и подигнување на свеста, а со крајна цел, да овој град да биде и поубав и почист, таков всушност каков што го сакаме, меѓутоа и го заслужуваме и како негови граѓани, рече Шилегов.
Според директорот на ЈП Комунална хигиена, доколку граѓаните се придржуваат до препораките, значително ќе се намали количеството комунален отпад што завршува на депонија.
– Воведувањето на примарното селектирање на комуналниот отпад претставува долгоочекуван чекор во дејствувањето на претпријатието. Примарната селекција на отпадот резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депонија, вели директорот Абдусамед Шабани.
Од претпријатието најавуваат и проект со кој ќе се компостира биоразградливиот отпад.
– Покрај сувиот дел од комуналниот отпад што веќе се преработува, планираме во целост да ја искористиме и преработиме и влажната фракција на отпадот, за што веќе имаме нацрт-проект за компостирање на биоразградливиот отпад, што следната година ќе започне да функционира во нашиот Центар за селекција во Вардариште, a го изработи консултантот од САД, г. Џеф Гејџ, додаде Шабани.
Инаку, кантите ќе се празнат два пати во неделата, а отпадот ќе го собираат посебни камиони со што ќе се оневозможи мешање со останатиот отпад.