Жителите на улица Максим Горки ќе добијат резидентен паркинг

Поради проблемот со кои се соочуваат овие жители во Центар, во наредниот период Општината ќе одговори позитивно на барањата на жителите и комерцијалното паркирање ќе биде заменето со резидентен паркинг, а ќе се започне постапка и за воведување на резидентно паркирање на улиците Ленинова и Радњанска.

Конечно, по долгогодишните барање и петиции до локалните власти, жителите на улицата Максим Горки ќе добијат резидентен паркинг. Од Општина Центар информираа дека по многубројните петиции на граѓаните кои живеат на Максим Горки и од Здружението на станари за управување со паркинг-просторот Мал ринг, Советот на Општина Центар го усвои Заклучокот и ги задолжи општинските служби и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ да постапат по барањата на жителите и за решавање на нивните проблеми со комерцијалното паркиралиште во овој реон.

-Општина Центар е општина што работи во интерес на своите жители и преку разни механизми ги исполнуваме барањата на граѓаните за да им овозможи подобар, безбеден и квалитетен начин на живот. Со овие измени ќе воведеме промени што ќе бидат приоритет за нашите жители и воедно ќе го регулираме масовното паркирање и ќе ги ослободиме паркинг местата – вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

Како што информираат оттаму поради долгогодишниот проблем со кои се соочуваат овие жители во Центар, во наредниот период Општината ќе одговори позитивно на барањата на жителите и комерцијалното паркирање ќе биде заменето со резидентен паркинг, а ќе се започне постапка и за воведување на резидентно паркирање на улиците Ленинова и Радњанска.

Секојдневен проблем со паркирањето, поради што жителите и по половина час чекаат да се ослободи паркинг место во близина на нивниот дом, веќе две децении ги мачи граѓаните од улицата Максим Горки, лоцирана во најстрогиот центар на градот. Толкав период тие бараат помош од градоначалниците на Општина Центар и на Град Скопје и решение за нивниот проблем, но како што велат, досега добиле само празни ветувања за воведување резидентен паркинг, а ситуацијата на терен е секојдневно зголемување на стресот и на притисокот каде да се паркираат за да си дојдат дома.

Жители на Максим Горки бараат паркинг на својата улица

Сега, одлуката на Советот им влева надеж дека ќе се реши нивниот проблем, иако останува нејасно како ќе се воведе паркирање наменето само за жителите на оваа и неколкуте други улички во околината, ако се има во предвид дека паркирањето на улицата Максим Горки е во надлежност на „Градски паркинг“, а не на ЈП ПОЦ. Паркирањето за граѓаните кои не се жители на оваа улица, која е во зона А06 чини 100 денари за час, за секој нареден 50 денари.

Неодамна, кога граѓаните од две згради на Максим Горки имаа проблем поради тоа што не им беше дозволено да се паркираат на својата улица од „Градски Паркинг“, како што велат им било речено дека ова се прави за да се „растовари“ паркиралиштето, но и да се остави простор за издавање нови станарски дозволи, дозволи на лица кои работат во близина, како и за поголемо комерцијално работење на претпријатието на улицата.

Ниту од Град Скопје, ниту од „Градски паркинг“ тогаш не одговорија зошто на оваа улица не се дозволи паркирање само на резиденти, со што во голема мерка би им се олеснил секојдневниот живот на граѓаните кои тука живеат.

Сега Општина Центар ветува дека ќе им го реши проблемот. Останува да се види како ќе го изведе тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот