
Жена-туристички водич починала во римскиот Колосеум, пред очите на шокираните туристи
60-годишна жена која работела како туристички водич попладнево ненадејно починала додека водела група туристи во посета на Колосеумот во Рим, јавија медиумите. Според информациите, на жената наеднаш ѝ се слошило и таа паднала пред шокираните туристи. Неколку луѓе од групата се обиделе да ѝ помогнат, како и неколкумина вработени во Колосеумот. И екипите за итни случаи набрзо пристигнале, но не можеле да ја спасат жената.
Препорачано
Џована Марија Џормана долго време работела како туристички водич и најчесто водела тури низ Колосеумот. Кога се случила трагедијата, таа била на првиот кат од римското здание, каде што е поставена постојаната изложба. Околу 17:30 часот, Марија застанала пред туристите и им раскажувала за историјата на Колосеумот, кога одеднаш останала без зборови и едноставно се струполила.
„Двајцата туристи кои први стигнаа до неа веднаш почнаа да ѝ го масираат срцето. Вработените во Колосеумот пристигнаа набрзо со дефибрилатор, но не можеа ништо да направат. Не се освести. Додека пристигна брзата помош, таа веќе беше мртва“, рече Изабела Руџеро, претседателка на компанијата за која работела починатата жена.
Колегите и пријателите со трогателни пораки на социјалните мрежи се простуваат од Џована. Тие напишаа дека таа секогаш била насмеана и многу посветена на својата работа.
„Во спомен на нашата Џована Марија Џормана, колешка која почина вчера во Рим, во Колосеумот од срцев удар поради ужасната жештина. Го додаваме нејзиното име на тажниот список на оние кои починале во нашата земја додека биле на работа. Ова е тажно за сите туристички водичи во Италија. Нека најде вечен мир“, напиша еден колега покрај нејзината фотографија.
Точната причина за смртта на жената властите најавија дека ќе ја соопштат во следните денови.
Колосеумот во Рим е едно од најпосетуваните места во светот, а лани го виделе околу 15 милиони луѓе.