Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Жбогар: Најголемо разочарување за мене беше вмешаноста на Катица Јанева во „Рекет“

Eвроамбасадорот Жбогар пред завршување на неговата мисија во земјава, во интервју за „360 Степени“ даде оценка за изминатите 4 години во кои беше амбасадор во С. Македонија и најохрабрувачките и најразочарувачките работи на кои сведочел.

-За среќа, има повеќе охрабрувачки отколку работи што разочараа. Најразочарувачкото се однесува на владеењето на правото, поточно на специјалната обвинителка Јанева и нејзината вмешаност во случајот „Рекет“. Мислам дека ова беше за нас, за мене лично, најголемо разочарување, своевиден шок и заедно со многу граѓани се почувствував предаден од личноста на која и дадовме доверба. Но, владеењето на правото не е само за… Разочараноста во делот на владеењето на правото не се однесува само на разочарувањето од специјалната обвинителка. Разочарувањето оди понатаму – како граѓаните овде го перцепираат владеењето на правото- вели Жбогар.

Владеењето на правото не се само судовите, потенцира тој, владеење на правото е да не пушите во ресторани ако тоа не е дозволено, владеење на право е да не паркирате на улица каде сакате…

-Тоа е разочарувачки за мене, кога ќе видам автомобили паркирани на велосипедски патеки, тоа е владеење на право и затоа би рекол дека тоа е најголемото разочарување. Разбирањето за тоа што е владеење на право, менталитетот… Најохрабрувачката, најпозитивната работа се однесува на младите во вашата земја. Се сретнав, поточно зборував со неколку млади луѓе и енергијата, активизмот, општествената одговорност, нивната реална перцепција на проблемите, нивната вклученост, сево тоа беше еден вид просветлување за мене. Затоа бев многу среќен кога видов како средношколците и нивните организации демонстрираат зашто сакаат да се вратат во училиштата. Не велам дали се во право или не, но бев среќен што видов дека се мобилизирани, дека постои активизам и дека сакаат да го кренат гласот за општеството да ги слушне. Мислам дека ова е многу охрабрувачки и здраво за општеството, кога имате такви млади луѓе- вели Жбогар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот