
Зголемена продажбата на автомобили на „Џенерал моторс“ и „Форд“ во САД
Продажбата на автомобили од американските производители „Џенерал моторс“ (GM) и „Форд“ се зголеми во Соединетите Американски Држави во текот на вториот квартал од 2025 година, но темпото на раст се забави во споредба со почетокот на годината, кога потрошувачите брзаа да купат возила пред воведувањето на новите увозни тарифи, покажаа најновите податоци.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Џенерал моторс“ продаде вкупно 746.590 возила во Соединетите Американски Држави во тримесечниот период од април до јуни, што е зголемување од седум проценти во споредба со истиот квартал претходната година. Сепак, ова е помалку од растот од 17 проценти во првиот квартал, кога пазарот беше стимулиран од објавувањето на тарифите.
Во првата половина од 2025 година, „Џенерал моторс“ испорача 1,44 милиони возила, што претставува зголемување од 11,6 проценти на годишно ниво. Значителен скок е забележан во сегментот на електрични возила, каде што „Џенерал моторс“ ја зголеми продажбата повеќе од двојно во споредба со претходната година, според соопштението на веб-страницата на компанијата.
„Форд“ имаше уште посилен квартален раст, бидејќи неговата продажба се зголеми за 14,2 проценти на годишно ниво и достигна 612.095 возила, благодарение на агресивната политика на попусти и промоциите, објавува CNBC.
Во првата половина од 2025 година, „Форд“ продаде 1,11 милиони возила, што е за 6,6 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година.