Студентски уписи / Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Зголемен интерес за студирање на Машински, во првиот уписен рок пријавени 43 отсто повеќе студенти од лани

Зголемен интерес за студирање на Машински, во првиот уписен рок пријавени 43 отсто повеќе студенти од лани

Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во академската 2025/26 година забележа значителен пораст на интересот – во првиот уписен рок се запишаа 233 студенти, што е зголемување од 43 отсто во однос на лани.

Според факултетот, првпат по подолг период кај одредени студиски програми квотите се целосно пополнети уште во првиот рок, што ја покажува довербата на младите во машинското инженерство и перспективите што ги нуди оваа област.

– Овој значителен пораст претставува јасен показател за зголемениот интерес на младите генерации за студирање машинско инженерство и за перспективите кои ги нуди оваа област. Важно е да се истакне дека оваа година, за прв пат по подолг временски период, кај одредени студиски програми уписните квоти се целосно пополнети уште во првиот рок. Овој факт е особено значаен бидејќи укажува на довербата што студентите ја препознаваат во Машинскиот факултет – институција со 65-годишна традиција, која постојано се приспособува на современите образовни и индустриски трендови – велат од Факултетот.

Зголемениот интерес се поврзува со растечката побарувачка за инженерски кадар во индустријата, модернизацијата на наставата и засилената соработка со компании. Факултетот продолжува со уписи во вториот рок, со очекување позитивниот тренд да продолжи.

– Во нашата држава, но и пошироко, машинското инженерство е двигател на клучни индустриски гранки како што се енергетиката, производството, транспортот, автомобилската индустрија и современите технологии за автоматизација и роботика. Сето ова создава нови можности за вработување и напредување, што ја прави професијата уште поатрактивна за младите генерации – се вели во соопштението.

Од Машински факултет посочуваат дека во изминатите години, вложиле значителни ресурси во обновување на лабораториите, дигитализација на наставните процеси и развој на нови студиски програми што одговараат на најновите трендови во индустријата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот