
Земјоделците во Пелагонија можат да бидат мирни, има доволно вода за наводнување на земјоделските култури
Јавното претпријатие „Стрежево“ е целосно подготвено за сезоната за наводнување на земјоделските култури во Пелагонија. Ова го изјави директорот на ЈП „Стрежево“ Битола, Менде Граматковски.
Препорачано
-Од први јуни ја започнавме сезоната за наводнување на 20.200 хектари земјоделска површина во Пелагонија, а на залиха имаме доволно репроматеријали. По Главниот канал испорачуваме околу 6 м3 вода а со потребната динамика се полнат главните и делничните цевководи. Моменталната зафатнина на акумулацијата „Стрежево“ изнесува околу 100 милиони м3 вода, имаме одличен водостој на акумулацијата што гарантира навремено и квалитетно водоснабдување на земјоделските површини во Пелагонија, водоснабдување на населението преку ЈКП „Водовод“ на општините Битола, Могила и Новаци, како и покривање на потребите за водоснабдување на РЕК „Битола“, ЗК „Пелагонија“ и локалните индустриски капацитети. Ги намалуваме дефектите на застарената опрема, штетите по културите а навремено и квалитетно испорачуваме вода-вели директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски.
Од јавното претпријатие „Стрежево“ апелираат за рационално и внимателно користење на водата и ги потсетуваат земјоделците дека треба да склучат договори за снабдуавње со вода за наводнување со „Стрежево“.
И покрај сите предизвици со кои се соочуваше претпријатието во минатата година остварени се мошне добри резултати во работењето и со сопствени извори вложуваат во капитални инвестиции.
-Направивме навистина импресивни резултати минатата година, и покрај сите предизвици со кои се соочувавме, на што сме особено горди. Во изминатата година имавме најголеми приходи од основањето на претпријатието а расходите ги намаливме на минимум. Кога ќе ги ставиме на хартија реалните приходи и расходи 2022 ја завршивме со биланс на успех од околу 28 милиони денари во позитива-истакна директорот на ЈП „Стрежево“ Битола, Менде Граматковски.