
Зеленски потпиша документи со кои се ратификува договорот за формирање трибунал за Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека ги потпишал документите со кои се ратификува договорот за основање на Специјалниот трибунал за кривично дело руска агресија против Украина.
Препорачано
„Тукушто ги потпишав документите со кои се ратификува договорот за основање на Специјалниот трибунал за кривично дело руска агресија против Украина. Договорот неодамна беше потпишан меѓу нашата земја и Советот на Европа и сега мора брзо да се ратификува за да се започне процесот на основање на трибуналот“, рече Зеленски, според Танјуг.
Тој, исто така, нареди документите да бидат изготвени што е можно поскоро и доставени до Врховниот суд со потребните законски измени со цел „да се обезбеди сè од наша страна да биде стопроцентно за целосно спроведување на договорот за основање на трибуналот“, објавува „Укринформ“.
Тој додаде дека очекува тимовите на Министерството за надворешни работи на Украина и канцеларијата брзо да презентираат соодветен распоред за работа со партнерите за спроведување на договорот за основање на трибуналот и самото започнување на институцијата.
„Оваа година, Русија треба да почувствува дека нејзината одговорност за кривичното дело агресија е неизбежна и дека меѓународниот правен процес навистина почна да ја повикува Русија на одговорност. Агресијата е кривично дело, а навистина неизбежната казна на Русија за ова кривично дело е во глобален интерес на секој во светот кој сака мирен живот за својот народ“, заклучи Зеленски.