
Зеленски му воведе санкции на нашиот јавач Онишченко кој и со одземено државјанство ја претставува Македонија во коњички спортови
Избеганиот украински политичар Олександр Онишченко, кој во 2022 година доби македонско државјанство и пасош, за кое владата потоа го задолжи Министерството за внатрешни работи да му го одземе, пред една недела се најде на „црната листа“ на луѓе за кои претседателот на Украина Володимир Зеленски потпиша декрет со строги санкции. Според Зеленски, санкциите ги таргетираат „воените профитери во регионите на Украина окупирани од Русија“ и „тие што соработуваат со рускиот окупатор, заработуваат пари од окупацијата и плаќаат даноци на Русија”.
Препорачано
Ако се суди според фотографиите од луксузниот животен стил на Онишченко претставен на социјалните мрежи, тој оваа вест за ставањето на листата со санкции во Украина, ја дочекал во близина на Ајфеловата кула во Париз. Претходно се фотографирал и снимал во Дубаи со блискиот пријател, актерот Жан Клод ван Дам. А пред тоа во Монте Карло.
„Здраво господине Владимир Путин, овде е Жан Клод Ван Дам. Сакаме да дојдеме во Русија и да бидеме амбасадори на мирот. Би ми било чест. Наскоро би сакале да дојдеме во Русија да бидеме амбасадори на мирот, да разговараме не за политика, туку само за мир, спорт и среќа. Ве сакаме и тој ве сака“, вели Жан Клод ван Дам на видеото и покажува со раката кон Онишченко.
Своевремено натурализираниот Македонец Онишченко, на крајот на 2022 се соочи со постапка за одземање на државјанството, но и ден денешен на страницата на Меѓународната федерација за коњички спорт е регистриран како активен спортист кој се натпреварува за Република Северна Македонија.

Последните резултати наведени на истата страница, му се од април 2024 година. Тогаш веќе повеќе од една година бил без македонското државјанство, а пасошот му бил поништен.
Токму како коњички репрезентативец на Македонија, владата во 2022 година му даде позитивно мислење за државјанство на Онишченко според членот 11 од Законот, како што им следува само на луѓе кои се од посебен економски, научен или спортски интерес за државата. Кога беше објавено дека е избеган од Украина, а и ставен на „црната листа“ на САД, владата побрза да го повлече државјанството, иако Онишченко при аплицирањето не доставил ниеден лажен, невистинит или неверодостоен документ.
Самиот Онишченко за „Слободен печат“ вчера потврди дека уште јава коњи под македонското знаме, а македонскиот пасош уште го има, но според неговите зборови – не го употребува. Запрашан до каде му е процедурата за поништувањето на државјанството и како заврши таа безбедносна сага, со оглед на тоа што при аплицирањето не доставил ниеден неверодостоен документ, не беше информиран до каде е постапката.
МВР за „Слободен печат“ информира дека решението за прием во македонско државјанство на Онишченко е прогласено за ништовно уште на 12 декември 2022 година согласно член 124 став 1 алинеа 6 од Законот за општа управна постапка, член 11 став 1 и 3 од Законот за државјанство и два заклучока на Влада.
„Согласно заклучокот на Владата, врз основа на новодоставени докази од Агенција за национална безбедност, на затворена седница е повлечено позитивното мислење и МВР е задолжено да отпочне постапка за поништување на Решението за прием во државјанство. На лицето му бил издаден МК пасош на 14 јуни 2022 со важност до 13 јуни 2032 година, меѓутоа истиот е системски поништен на 6 март 2023, а на 7 март 2023 година истиот е објавен во АСФ базата на Интерпол, бидејќи истиот не постапил согласно задолжението дадено во Решението“, велат од МВР за „Слободен печат“.
Останува нејасно како Онишченко е регистриран како спортски претставник на Македонија и во 2024 година, кога немал повеќе македонско државјанство, а пасошот му бил поништен? На Инстаграм Онишченко го привлече нашето внимание кога објави видеоматеријал како се натпреварува под македонското знаме во коњички спортови, неговата огромна пасија.
Видеото беше објавено од натпревар во коњички спортови, одржан 1 година откако Владата и МВР првично известија дека му го одземаат државјанството на Онишченко. Во 2024 година, барем на два турнири Онишченко настапувал под македонското знаме со коњот „Стакатос шармантно момче“, покажуваат податоците од Интернационалната еквестријан федерација каде Онишченко се натпреварувал. Натпреварите се одржале една година по датумот на поништувањето на државјанството и пасошот.
View this post on Instagram
Во Интернационалната еквестријан федерација се обративме со прашање дали доколку јавачот настапува за некоја држава (во случајов Македонија) мора да приложи доказ за државјанство на таа држава.
„Националниот статус на спортистите е опишан во генералните правила на Интернационалната еквестријан федерација(ФЕИ). Членот 119.1.1 наведува дека ‘доказот за националност е неопходен за спортистот да се натпреварува за една држава”. Со други зборови, спортистот мора да има државјанство на државата за да се натпреварува за неа на ФЕИ“, ни одговорија оттаму.
Од МВР е доставено известување до Управата за водење на матични книги на 6 март 2023 година за поништување на неговото Решение за прием во државјанство, но според наши потврдени информации, тој и ден-денешен фигурира во системот на Управата за водење матични книги каде, доколку сака, денеска би можел да си извади и македонски извод од книгата на родените.
Кога во 2022 година Владата реши дека ќе биде одземено државјанството на Онишченко, како основа за тоа наведе „дека тој поднел невистинити документи“. Меѓутоа, Онишченко и тогаш и денес за „Слободен печат“ тврди дека сите документи му биле валидни, во нив немало ништо лажно, доставил руски пасош и извод од родените.
Тој пред 3 години имал украински пасош, ама оттогаш му е истечен, а во Украина се нема вратено да го обнови. Сега вели дека во Европа патува со германска исправа. За санкциите што му ги воведе Зеленски минатата недела на Фејсбук напиша:
„Гледате како се случува тоа. Прво, Зеленски се смешкаше на сите мои роденденски забави за 30 илјади долари, потоа молеше за два милиони долари за изборите, а на крајот ми се заблагодари со санкции. Им препорачувам на сите украински бизнисмени што во минатото го ангажирале ‘Квартал 95’ за корпоративни настани да се подготват за санкции“.
Инаку, „Квартал 95“ е најголемата продукциска куќа во Украина, која ја продуцираше серијата „Слуга на народот“, во која Зеленски како тогашен актер глумеше претседател на Украина пред да стане вистински претседател на Украина.
Освен проблемите со санкциите, Онишченко во Украина води и правни битки за кои тврди дека е невин и политички прогонет. Тој лани во Украина во отсуство беше осуден на 15 години затвор, пресуда што годинава беше укината и процесот почна одново, по обвинението за креирање корупциска шема за нафта. Првично, во 2024 година, Високиот антикорупциски суд на Украина го осуди во отсуствои наложи да му се конфискува имот. Тогаш Онишченко беше прогласен за виновен за организирање на таканаречена „гасна шема”, една од најголемите корупциски шеми во историјата на Украина. Според истрагата, Онишченко бил осомничен дека предводел криминална група која проневерила повеќе од 40,8 милиони американски долари од продажба на природен гас помеѓу јануари 2013 и јуни 2016 година. Тој постојано негира негова вмешаност. Друг обвинет, финансиската директорка на Онишченко, Олена Павленко, беше осудена во отсуство на 12 години затвор со конфискација на имот. На 20 мај 2025 година, Апелацискиот совет на Врховниот суд за борба против корупцијата ја поништи оваа пресуда од 15 години затвор за Онишченко. Судот го врати случајот на повторно разгледување.
Во 2022 година кога директор на македонската Агенција за национална безбедност беше Виктор Димовски, а министер за внатрешни работи беше Оливер Спасовски, безбедносната проверка на Онишченко беше оспорена, зашто без консултација со стратешкиот партнер НАТО и САД, Онишченко, кој тогаш беше на „црната листа“ на САД доби македонски пасош. Никој не понесе одговорност за тоа, а тогашниот директор на АНБ Виктор Димовски изјавуваше дека „истрагата треба да утврди дали се работи за пропуст, за намера, за некаков лукративен интерес“ што исто така никогаш јавно не беше расчистено.