
Зеленски: Меморандумот од Будимпешта не успеа, Украина гради нова безбедносна архитектура
Меморандумот од Будимпешта „не успеа“ и стана „празен муабет“, а сега Украина гради нова безбедносна архитектура, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Препорачано
Вчера, на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина, тој истакна дека Киев добива помош од своите европски сојузници и САД во овој поглед, пренесува Украинска правда.
Тој нагласи дека Меморандумот од Будимпешта, кој беше потпишан за да се гарантира безбедноста на Украина во замена за откажување од нуклеарно оружје, не успеа и дека овој неуспех докажа дека меѓународните ветувања можат да се претворат во празни зборови.
„Затоа денес, заедно со Велика Британија, Франција и повеќе од 30 земји во нашата „коалиција на добронамерните“, градиме нова безбедносна архитектура. Сметаме на сигурна поддршка од САД“, истакна Зеленски, додавајќи дека вистинските безбедносни гаранции мора да станат линија што Русија повеќе не може да ја премине.
Зеленски, исто така, рече дека рускиот претседател Владимир Путин „се плаши од преговори и патува во странство само за да купи време за убивање“, додека, како што изјави, се преправа дека бара дипломатски резултати, според УНИАН.
На 5 декември 1994 година, во Будимпешта беше потпишан меморандум меѓу Украина, Русија, САД и Велика Британија во врска со нејзините безбедносни гаранции по откажувањето од нуклеарното оружје.
По стекнувањето независност во 1991 година, Украина поседуваше трет најголем нуклеарен арсенал во светот.
Во замена за гарантирана безбедност, се согласи да го предаде своето нуклеарно оружје на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека одлуката за предавање на нуклеарно оружје во согласност со Меморандумот од Будимпешта е грешка и ако не може да се избегне, тогаш требало да се замени со членство во НАТО, пренесува Украинска правда.