
Зелените кредити стануваат хит за фирмите, домаќинствата имаат и 20 отсто гратис
Речиси нема банка преку која граѓаните не може да земат зелен кредит, а преку дел од банките 20 отсто од кредитот не мора да се врати. Станува збор за проект на Европската банка за обнова и развој.
Во зелени кредити банките пласирале 4,5 проценти од вкупните кредити, или околу 323 милиони евра, покажуваат податоците на Народната банка заклучно со септември 2023 година до кога има податоци. Од нив домаќинствата земале 20 милиони евра, додека останатите пари ги земале компаниите.
Препорачано
Зелените кредити стануваат сè поактуелни во глобални рамки и банките низ светот сè повеќе финансиираат вакви објекти. И кај нас има раст на кредитирањето, но според познавачите има уште голем простор за пласмани и инвестиции. За растот на зеленото кредитирање сведочат и бројките. Така, на крајот од 2021 година, нивниот вкупен износ бил 151,6 милиони евра, што значи дека за неполни две години станал двојно поголем. Но, тоа се должи на зелените кредити за компаниите, додека кредитите за домаќинствата не само што не се зголемиле туку има и мало намалување.
Речиси нема банка преку која граѓаните не може да земат зелен кредит, а преку дел од банките 20 отсто од кредитот не мора да се врати. Станува збор за проект на Европската банка за обнова и развој.
„Слободен печат“, колку за илустрација, разгледа понуди во повеќе банки.
„Имаш потреба од изолација на куќата, од замена на столаријата или инсталација на ефикасен систем за греење и ладење. Со кредитот за енергетска ефикасност на Комерцијална банка ваквите инвестиции двојно ќе ти се исплатат: поврат до 20 проценти во вид грант, како и намалени трошоци за енергија“, информира Комерцијална банка преку својата официјална страница. Зелениот кредит преку оваа банка може да биде дури до 50.000 евра, а каматната стапка е 7,724% годишна, променлива. Рокот на отплата е до 20 години.
Прокредит банка дава можност за зелен кредит до 1 милион денар, со максимален рок на враќање до 7 годни. Таму е наведено дека кредит може да добијат приматели на плата над 30.000 денари. И преку оваа банка постои можност за 20 отсто гратис. Каматата е фиксна во првите три години и е 7,75 проценти.
И преку НЛБ банка може да се земе зелен кредит, но според објавата, таму нема грант од 20 проценти. Таму, зелен кредит без хипотека може да биде до 1,5 милиони денари, а со хипотека до 6 милиони денари. Овде зелен кредит може да се користи за системи за соларна енергија, за термоизолација, за нови енергетски ефикасни прозорци и врати, за системи за користење геотермални води за загревање, за вградување или промена на термостатски вентили на грејни/разладни тела, за полначи за автомобили на струја дома и батерии за акумулирање. Од Банката велат дека зелените кредити се нaменети единствено за набавка на наведените прифатливи производи, односно не се наменети за трошоци за работна рака, монтажа и сл.
Стопанска банка нема објавено зелени кредити за домаќинствата, но затоа во 2022 година таа потпиша договор со ЕБОР за воведување на оваа кредитна линија во висина од 4 милиони евра, која е дел од Програмата за одржливо рестартирање на мали и средни претпријатија. Пари искористија 17 компании за 20 проекти.
Според дефиницијата на Светска банка под зелени кредити се сметаа они со кои се овозможува инвестирање во проекти што придонесуваат за подобра животна средина и намалување на ефектите од климатските промени. Зелените кредити во компаниите и домаќинствата треба да ја помогнат енергетската ефикасност, тие ги поддржуваат зелени технологии и обновливи извори на енергија.
Програмата за финансирање на зелената економија (ГЕФФ) на Европската банка за обнова и развој во Западен Балкан обезбедува финансии за секторот за домување како и за бизниси што обезбедуваат енергетска ефикасност и енергетски обновливи производи и услуги за домаќинствата. Вкупниот обем на кредитната линија во Западен Балкан, односно во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Северна Македонија, изнесува 85 милиони евра.