Доктор Мери Пешевска, онколог на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија и нејзиниот адвокат Влатко Китановски / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Доктор Мери Пешевска, онколог на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија и нејзиниот адвокат Влатко Китановски / Фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Здружението на судии му одговори на Мицкоски за Пешевска: Платите на судиите се најниски во регионот, а неправосилни пресуди не се коментираат

Покрај реакцијата од Здружението на судии на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, Кривичниот суд соопшти дека внимателно ги следи реакциите за пресудата во случајот „Онкологија“ и дека за сите дополнителни одговори медиумите треба да се обратат до Судскиот совет.

Основно правно начело, согласно домашните и меѓународните правни стандарди, е да не се коментира неправосилна судска одлука, сѐ со цел да не се влијае на понатамошната судска постапка и одлучување на повисок степен, велат од Здружението на судии по јавните прозивки од премиерот Христијан Мицкоски и од ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со пресудата за лекарката Мери Пешевскаво случајот „Онкологија“, објави А1 он.

„Затоа, и во овој случај, иако како судство сме прозвани за донесената неправосилна пресуда за предметот познат како „ Онкологија“ – донесена врз основа на признание на вина, Здружението на судии на РСМ, ќе ги почитува правните стандарди и нема да даде свој коментар. По однос ‘вечната тема’ за платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број судии во Основните судови во РСМ, со фамозното ‘зголемување’ од 78 отсто, достигнува до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и, секако, судските службеници, се апсолутно најниските во регионот и пошироко“, се вели во реакцијата од Здружението на судии.

„Обвинителството сѐ уште не ја добило пресудата“

Признанието на вина и осудителната пресуда изречена за една од обвинетите во предметот “Онкологија” е потврда за основаноста на наводите во обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје, велат од Јавното обвинителство откако беше отворена дебата за пресудата во случајот која ја вознемири и разбранува јавноста.

„Висината на санкцијата за стореното кривично дело ја одредува Судот, а Обвинителството сѐ уште не ги добило пресудата и образложението за изречената казна. По приемот, Јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе вложи жалба во однос на висината на санкцијата“, велат од ОЈО.

Кривичен суд ги упатува новинарите кај Судскиот совет

Рекација има и од Кривичен суд од каде што медиумите и новинарите за сите прашања ги упатуваат кај Судскиот совет.

„По повод медиумските прашањата во однос на изјавите поврзани со неправосилната судска одлука К бр. 1069/25, односно пресудата за раздвоената постапка по повод признание на вина во предметот во јавноста познат како „Онкологија“, Кривичениот суд Скопје ја известува јавноста дека со зголемено внимание ги следи јавните реакции. За сите одговори, срдечно ги упатуваме медиумите да се обратат до Судскиот совет на Република Северна Македонија кој е надлежен да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт, преку остварување на своите функции“, стои во соопштението на Судот.

Кривичниот суд вчера ѝ изрече двегодишна условна казна на Пешевска, која претходно го призна делото за несовесно лекување, со што не ѝ беше изречена забрана за работа доколку во следните пет години не стори ново кривично дело.

Таа беше обвинета заедно со поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Васев, и уште двајца лекари, под сомнение за „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, откако кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на нивната здравствена состојба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот