
Здружение на пензионери Тетово: Со пензии покачени за 5 отсто не може да се преживее
Тетовските пензионери едни од многуте во Македонија кои имаат ниски пензии и под 10.000 денари, со оглед на фактот дека голем број од нив работеле во текстилната индустрија, денеска му се пожалија на техничкиот министер за труд и социјална политика Ѓоко Велковски дека со покачувањето на пензии за 5% за само одредена група на пензионери не може да се преживее.
Препорачано
– Оваа понуда којашто ни ја даде Владата не е доволна оти 5% е многу малку. Колкава е инфлацијата и колкави се животните трошоци. Се зголемуваат цените и пензионерите се во многу тешка состојба. Јас реков дека мора да се смени Законот за пензиско и инвалидско осигурување за да се вметне и линеарното зголемување. Имам и колеги кои имаат повисоки пензии и ние сите се солидаризиравме со пензиониерите со пониски пензии, но треба покачување на сите пензии, рече Селвер Мемети, претседател на Здружението на пензионери Тетово.
Техничкиот министер за труд и социјална политика Велковски вели дека над 100.000 пензионери земаат пензија под минималната плата. Пензионерите се едни од најтолерантните, но и тие немаат излез, по после 8 децении решија да излезат на улица.
– За жал од август лани истите барања се повторно на маса од страна на пензионерите. Потребни се повисоки пензии, потребно е линеарно пресметување на пензиите. Јас сум презадоволен од нивната искреност оти проблемите не треба да ги ставаме под тепих. После 1945 година пензионерите повторно излегуваат на улица. Тие се луѓе со најголема толеранција и тие се притиснати и излегоа на протести за своите права, рече Велковски.
Тој кажа дека сега како технички министер ги согледува и анализира проблемите, а потоа ќе се пристапи и кон решавање на истите.