Лекари / Фото: МИА

Здравството расфрлило 62,7 милиони евра без контрола

Министерството за здравство потрошило 62,7 милиони евра како да се 62,7 денари – без да провери дали парите се наменски и законски потрошени и дали услугите што се платени се извршени!?

Толку изнесува вкупната сума што во 2017 година ја дало МЗ за финансирање на 20 програми за здравствена заштита, за чие трошење има низа забелешки во извештајот на Државниот завод за ревизија за 2017 година. Одговорните не проверуваат дали услугите во фактурите што им пристигаат од јавните и приватните здравствени установи се навистина извршени, ниту дали цените се реални, само аритметички ги собираат сумите и исплаќаат пари колку што ќе им се побара.

Ревизорите изразија неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на прикажаната финансиска состојба на Министерството за здравство, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со законите и нагласија дека во ова министерство не се исполнети 4 од 6 препораки дадени во претходната ревизија  од 2012 година, која исто така беше негативна. Министри за здравство во 2017 година се Никола Тодоров до мај, Арбен Таравари од јуни до ноември и Венко Филипче кој стапи на должноста на крајот на 2017 година.

Делат пари  без процедури

Владата секоја година на предлог на Министерството, врз основа на здравствената состојба на населението објавува програми за здравствена заштита со кои се утврдуваат активностите и потребните пари за нив. Во 2017 година се реализирани 20 различни програми за кои е исплатен износ од вкупно 62,7 милиони евра. Ревизорите утврдиле дека предвидените пари не се доволни за сите активности во тековната година, како прегледи, советувања или набавка на лекови,  а од друга страна министерството тие пари ги трошело и за да плаќа долгови од 2014, 2015 и 2016 година.

– На наше барање одговорните лица во МЗ не беа во можност да ни го презентираат актот за процедури и постапки на планирање, подготовка и реализација на програмите за здравствена заштита што била на сила во 2017 година, што наведува на заклучок дека лицата што се одговорни за програмите не се запознаени со овој акт, а активностите се одвивале на несоодветен начин – утврдила  ревизијата.

Најголеми корисници на овие пари се болниците каде што се  реализираат програмите, кои се во неизвесност кога ќе добијат пари за извршените услуги. Според ревизорите, нередовното плаќање од страна на МЗ за овие програми е една од причините за големите долгови на болниците. Тие утврдиле дека Секторот за финансиски прашања нема доволно вработени, односно од предвидени 10 работат само тројца, па тие не се во можност да извршат целосно евидентирање на сите пристигнати и неплатени фактури во годината и истите се чуваат во голем број кутии. Поради тоа финансиските извештаи нереално и необјективно ја прикажуваат состојбата, односно Министерството на болниците им должи значително повеќе од она што е прикажано. Ревизорите испратиле дописи на оваа тема до болниците и добиле одговор само од 16 јавни здравствени установи, на кои министерството им должи дури 10 милиони евра, а овие обврски МЗ  не ги искажало во својата финансиска евиденција.

Ревизорите наведуваат дека дел од објавените програми имаат општ карактер кој не нуди соодветни информации и предвиден детален буџет, а сепак добиваат пари. Не постојат критериуми за оцена на успешноста и признавањето на трошоците, поради што има ризик од исплата на трошоци кои не биле дел од соодветната програма.

– Утврдивме дека програмата за превенција на кардиоваскуларни болести во практика функционира како продолжение на програмата за едукација на лекари и практично целокупните расходи од 650.000 евра  се за исплати на тимови од странски лекари што вршеле едукација за кардиохирургија и детска кардиохирургија, комплетно запоставувајќи ја превентивната функција на оваа програма – се вели во извештајот.

Рокот на вакцините скратен за цела година

Речиси не постои здравствена програма од 2017 година за која ревизорите немаат забелешки. За програмата за ретки болести утврдиле дека се потрошени околу 3 милиони евра за лекови на 130 лица, што не е доволно за сите лица со ретки болести во Македонија. Според проценките на МЗ, за сите нив се потребни 6 милиони евра.

Во програмата за рана детекција на малигни заболувања, поедини приватни ординации доставиле фактури во кои бројот на извршени ПАП тестови се разликува од бројот во извештаите, но и покрај констатираните разлики, ваквите фактури се одобрени за исплата без да се побара објаснување.

Во програмата за задолжителна имунизација ревизорите  утврдиле разлики во наведениот рок на траење на примената фактура од добавувачот во висина од 250.000 евра и записникот за прием на вакцините изготвен од вработени во МЗ и Агенцијата за лекови, при што на записникот за прием е наведен рок на траење кој е за една година пократок од наведениот рок во фактурата.

–  Утврдената состојба не е забележана од страна на внатрешната контрола на МЗ и во услови кога довербата во сигурноста на вакцините кои ги набавува МЗ во јавноста е намалена, ваквите состојби придонесуваат за негативни реакции и дополнително намалување на нискиот процент на имунизација кај населението – се вели во извештајот.

Во програмата за партиципација при користење на здравствена заштита генерален недостиг е што во неа услугите се дадени по име, а болниците во пресметките ги користат шифрите на МКБ10,  заради што контролата бара медицински познавања и е отежната. Во програмата за здравствена заштита на лица со болести на зависности една здравствена установа вршела фактурирање на исти лекови по различни цени во ист временски период по две програми, програма за душевно болни и програма за зависности. За програмата за заштита од ХИВ/СИДА се дадени 370.000 евра на две  здруженија за кои на ревизорите не им бил презентиран распишан оглас, а министерството им признало расходи што не се поврзани со програмата.

За програмата за јавно здравје се потрошени 750.000 евра, а Министерството поим нема за што конкретно ги дало, односно нема документација дека навистина се извршени проверки во училиштата и градинките или дека е испитана почвата и водата.

Во програмата за спречување на туберкулозата ревизијата не се уверила во основаноста и реалноста на исплатените 120.000 евра, поради разлики во цените. За програмата „Здравје за сите“, во која се спроведува проектот „Ало докторе“  се потрошени 40.000 евра за кои не се приложени докази за видот и квалитетот на извршените советодавни услуги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!