
Збеснатите возачи годишно одземаат 150 животи, ама камерите на улиците и казните ќе почекаат да поминат локалните избори
Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова, која беше прегазена на „Партизанска“, денеска на брифинг со новинарите рече дека годишно во сообраќајни несреќи во Македонија гинат 150 луѓе и дека „тоа е проблем околу кој сите треба да размислат заеднички – како натаму“.
Препорачано
Според него ќе се засили превентивата и веќе се обезбедени сретства за проектите „Безбеден град„ и „Безбеден пат“ кои ќе значат 24 часовен мониторинг на сообраќајниците. За да се овозможи тоа ќе биде потребно да се изменат четири или пет закони, при што Мицкоски очекува дека целиот процес ќе биде завршен до идната година.
Тој исто така рече дека годишно се прават над 22.000 сообраќајни прекршоци како возење без возачка дозвола, под дејство на алкохол и непочитување на сообраќајните знаци, и дека сите тие со овие два системи ќе бидат опфатени, а казните сторителите ќе ги видат директно на сметките, од кои ќе им се симнуваат пари. Но, сето тоа ќе се случи дури догодина – камерите нема да проработат, а казните нема да почнат да стигнуваат додека не поминат локалните избори.
Според Мицкоски, критичните крстосници во Скопје и сега се покриени со камери, но нема законска основа да се наплаќаат казни. Тој не објасни што ја спречувало неговата власт досега да ги промени прописите за да се воспостави таквата основа, како што направи со многу други законски измени усвоени по скратена процедура во Собранието.
Околу дилемите за тоа што може да „фатат“ камерите и како ќе ги распознаваат прекршителите, Мицкоски рече дека „имаме обезбедено од порано врвна израелска технологија која може да се мери со таа во европските и светски метрополи“ и дека таа не само што снима прекршоци, туку и „препознава“ со користење на вештачка интелигенција. Премиерот уште најави и дека откога ќе почнат да функционираат камерите, ќе има период за адаптација од шест месеци, во кои ќе се праќаат само предупредувања, а потоа ригорозно ќе се казнува.
Околу забелешката дека нема полицајци да го контролираат сообраќајот на улиците, Мицкоски рече дека иако се вработуваат по 500 сообраќајни полицајци секоја година, тој број е сепак недоволен и дека размислуваат со законски измени да овозможат тие што се над 60 години да останат на работа.