
Завршната изложба на ликовното студио „Арс вивенди“ е поставена во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје
Деветнаесетата завршна изложба на дела од членовите на ликовното студио „Арс вивенди“ од Скопје на 3 јуни, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена во НУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје. Ликовното студио „Арс вивенди“ работи под менторство на академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски, а на отворањето ќе бидат доделени дипломи за учебната 2023/2024 година.
Препорачано
Во ликовното студиото „Арс вивенди“ се изучуваат и се работи со повеќе техники коишто им овозможуваат на членовите на студиото да се изразуваат креативно. Оваа година на завршната изложба ќе бидат изложени дела работени во техниките гваж, акварел, темпера, акрил на платно, цртеж со молив, фломастери, дрвени боички, јаглен и пастел.
– „Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец“ е мото на студиото коешто деветнаесет години им го покажува правецот на членовите на ова ликовно студио во ликовниот свет – истакнува проект-менаџерката Дијана Петкова.
Академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски е роден во 1969 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, педагошки оддел, насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година.
Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001 до 2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“.
Постдипломски студии – насока сликарство завршил на ФЛУ во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Од 2005 работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“, коешто го основа со Дијана Петкова – проект менаџерка.
Досега м-р Тони Шулајковски реализирал 56 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби. Добил повеќе ликовни награди, меѓу кои: Награда за сликарство – ДЛУМ (2016); Награда „Сликар на годината 2012“ на Остен – Светска галерија на цртеж (2013); Награда за сликарство – мал формат „Константин Мазев – Коце“ (2008); Награда за најдобар студент на педагошкиот оддел на ФЛУ – Скопје (1992).