Заврши фестивалот „Илинденски денови“ во Битола

Заврши фестивалот “Илинденски денови” кој ги спои традиционалниот и современиот фолклор во Битола

Вечерва во Битола, со прогласувањето на најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва и ансамбли, заврши 53.издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”. Жири комисијата во состав: д-р Владимир Јаневски, д-р Родна Величковска, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Кристијан Николовски ги награди најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва и ансамбли што настапија на фестивалот, чувар на македонската традиција и фолклор.

Заврши фестивалот „Илинденски денови“ во Битола

За најуспешна група што презентираше традиционална музика и игра беше прогласена КУД “Весели пензионери” од Пробиштип. За најуспешна група што презентираше староградска музика и игра беше прогласена вокално инструменталниот ансамбл “Распеани струмичани” од Струмица. Во соло инструментална изведба за најуспешен беше прогласен Теодор Грујовски, инструменталист на гајда на ансамблот “Гоце Делчев” од Битола.

За најуспешен инструментален состав жири комисијата го прогласи оркестарот на КУД “Осми октомври” од Крива Паланка. Ансамбл со најкомплетна изворна носија беше прогласена КУД “Русалии” од Секирник. Директорката на Центарот за култура Битола Маја Андоновска Илијевски рече дека фестивалот “Илинденски денови” е еден од најголемите амбасадори на културата во светот. -Фестивалот “Илинденски денови” е симбол на инклузивност, заедница и рушење на бариерите.

– Овој фестивал служи како доказ за богатството и издржливоста на нашето културно наследство, потсетувајќи не дека и покрај одминувањето на времето, нашите традиции продолжуваат да не инспирираат, едуцираат и маѓепсуваат со својата уникатност. Фестивалот течеше интензивно и посакував да не заврши.Битола ја обоивме во боите на Македонија, Италија, Ирска, Мексико. Чиле, Хрватска, Србија, Бугарија. Во 13 фестивалски денови имавме над 60 настани, но зад овој фестивал стои една машинерија од луѓе коишто деноноќно работеа за да биде фестивалот без грешка и сите заедно испишавме убава историја за Битола- рече вечерва на затворањето на фестивалот “Илинденски денови” директорката на Центарот за култура, Маја Андоновска-Илијевски.

Заврши фестивалот „Илинденски денови“ во Битола

Фестивалот “Илинденски денови” од востанувањето, па до денес е отворен круг во кој се презентираат, афирмираат и живеат домашните и светските културни идентитети низ живото пулсирање на чистата традиција. Фестивалот се одржа во рамките на Битолското културно лето, а покровителот на Битфест, градоначалникот Тони Коњановски рече дека фестивалот “Илинденски денови” е една фолклорна прошетка низ светот, размена на искуства, вреднување на вистинските културни вредности и традиции.

-Негувајќи го традиционалното, Битола направи прекрасен спој со современото. Како битолчани и Македонци ги продолжуваме традициите на нашите претци, пренесувајќи им порака на младите генерации за нивната обврска да продолжат да го почитуваат делото на носителите на двата Илиндени и само со културно издигнување можеме да го трасираме патот на напредокот- истакна битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

Заврши фестивалот „Илинденски денови“ во Битола

Годинава низ повеќе од 60 содржини и манифестации, фестивалот го разиграа преку 1.200 учесници од Чиле, Мексико, Грузија, Ирска, Италија, Хрватска, Србија, Бугарија, како и од Македонија. Вечерва, на свеченото затворање на фестивалот, публиката на платото на Офицерскиот дом, уживаше во настапот на градскиот ансамбл од Пожаревац, Србија.   Фестивалот “Илинденски денови” во 2017 година стана единствен фестивал од Македонија што поседува сертификат за интернационален фестивал и е дел од големото светско семејство на фолклорни фестивали на CIOFF-International Council of Organizations of Folklore Festivals.

Текст и фото Васка М. Младеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!