Изгорената дискотека „Пулс“ во Кочани / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Заврши евалуацијата на повредените во „Пулс“ – 40 одат на физикална терапија

Заврши евалуацијата на 110 пациенти повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Тим од лекари специјалисти деновиве престојуваше во кочанската болница да изврши евалуација на нивната здравствена состојба. Станува збор за пациенти кои што имаат секојдневна физикална терапија и на кои преврските во болницата им се вршат повеќе пати неделно. Во општата болница Кочани физикална терапија имаат 40 пациенти, зашто имаат проблеми со движењето на зглобовите на рацете и нозете, а 70 пациенти имаат преврски на изгорениците. За дел од повредените во пожарот рехабилитацијата ќе трае со години. Ним им се неопходни специјални стегачи кои што имаат заштитен фактор 30 бидејќи не смеат да се изложуваат на сончева светлина која им пречи на изгорениците. Во кочанската болница и натаму има голем недостиг на кадар.

Како што вели директорката на кочанската болница доктор Кристина Серафимова, на евалуација се јавиле и пациентите што се лекувале во македонските болници. Наредните денови ќе биде изготвен специјалистички извештај за секој одделен пациент.

Здравствените работници заедно со волонтерите од „Support Kocani“ се ангажирани на обезбедување соодветна финансиска и медицинска помош за повредените.

– Констатиравме дека некои од повредените што се вратија од лекување имаат отворени рани, а дел се со покомплицирани повреди, поради што неопходна ќе биде доополнителна пластична операција. Нашата болница не располага ниту толку со кадар, ниту со некоја специјална опрема, па нашиот најголем страв е да не се случи некаков проблем со инфекции, да не се искомплицира состојбата со некоја бактерија и да не дојде до сепса. Веќе имаше неколку случаи при преврските на повредите, да се откине дел од кожата, за што потврда добивме од некои од повредените, истакна Иван Ивановски од „Support Kocani“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот