EPA/MAJA ZLATECSKA

Затворените за „27 април“ со критики за повикот на судијата – Бараат правда, а не амнестија

Повторување на постапката и јасни судски пресуди, а не амнестија за осудените за „27 април“, бараат од „Стоп на политичкиот прогон“, организација што не е многу позната во јавноста, но сега се огласи во име на осудените за „крвавиот упад“ во Собрание. Вчера, Кривичниот суд ги амнестираше обвинетите за организирање на упадот, а судијата Илија Трпков ги повика извршителите што издржуваат затворски казни „да наведнат глава и да побараат милост од државата за да не бидат пак изманипулирани“.

Во реакцијата, претседателот на Проектот за „Стоп на политичкиот прогон“, Тодор Кулаков, укажува дека биле „силно испровоцирани од вчерашната скандалозна изјава на судијата Илија Трпков“ оценувајќи го како „политички говор“ и уште еден доказ за „постоењето на политичкиот прогон“.

– За истакнување е да потенцираме дека вклучително и претседателката Сиљановска како правен експерт, исто така, го хармонизира ставот со нас како проект дека не преку амнестија, ами со повторување судска постапка и јасни судски пресуди ќе се постигне целта, кон што би додале дека уште на самиот почеток на повторувањето на постапката, за некои десетина дена, ќе ги извадиме како проект на слобода сите од браќата од „27 април“ на слобода, односно од слобода да се бранат и на слобода да останат, потврдено со правосилна судска пресуда – пишува во реакцијата на „Стоп на политичкиот прогон“.

Одборот на овој проект во октомври минатата година презентираше фотографии и видеоматеријали од гласањето во законодавниот дом за „27 април“ и бараат целосна ревизија, како и повторување на постапката. Кулаков, тогаш појасни дека проектот се состои од неколку фази што планираат да ги реализираат со цел ослободување на осудениците од „27 април“ и обесштетување на нив и нивните семејства, како и преименување на две улици во градот во чест на, како што рече, „уставобранителите“.

Според Кулаков, во случајот „27 април“ има многу контроверзии и голем број вести, видеоматеријали и фотографии од гласањето за претседател на Собранието на „27 април“ се избришани.

По повикот на судијата, реагираше и Драган Пешевски, адвокатот на Горан Ангелов Ќосето кој повеќе од седум години е во затвор.

– Јас и Горан Ангелов Ќосето глава не наведнавме, ниту имаме намера. Понудата е одбиена, „честити“ суде!!! Нека им е честита слободата на амнестираните организатори за „27 април“. Не навлегувам во анализа, ниту објаснувања за команданти и војници, организатори и извршители, не е тоа целта на постот. Целта на постот е горчината што се создава, верувам кај сите, и кнедлата што се јавува во грлото кога ќе видиме селективност во судница. Некои се очигледно поеднакви пред законот од други. Селективност имаме во судница по партиска припадност, особено по висина на партиска функција. Јас учев дека правдата е слепа, ама оваа нашава изгледа ѕирка под превезот, а мачот ѝ е отапен!!!“, напиша Пешевски на социјалните мрежи.

Според премиерот Христијан Мицкоски, ако нема организатори, не може да има и терористи.

– Никој не вели дека тие луѓе не згрешиле, никој не вели дека тие луѓе не направиле престап, но тие луѓе за тој престап доволно време поминале таму и треба тие што водеа политички монтиран процес, да си стават прст на чело и да размислат што прават и што направиле – рече Мицкоски.

Прашан дали можеби смета дека имало притисок врз судијата, Мицкоски рече дека тој ниту го познава, ниту пак некогаш се видел физички со судијата.

– Можеби за тоа треба да дадат одговор сите оние што вршеа притисок преку еден политички монтиран процес луѓе денеска да лежат во затвор седум-осум години поради тероризам. Никој од нив не вели дека не направил грешка, направил, но никако не се терористи. Сега кога веќе е јасно дека нема организатори, не знам како може да има терористи – рече тој.

Тој нагласи дека не станува збор за застарен случај, туку, како што рече, толкувањето е дека обвинението е поведено, откако истекол рокот за да може да се поднесе барање во согласност со Законот за амнестија.

Кривичниот суд Скопје го уважи барањето за амнестија на обвинетите за случајот „Организатори на 27 април“ – ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и поранешниот директор на УБК, обвинетиот Владимир Атанасовски, откако Обвинителството даде позитивно мислење дека за Ристовски, Јанакиески и Вељаноски важи Законот за амнестија.

Во своето обраќање судијата јасно кажа дека не се согласува со тоа дека организаторите треба да бидат амнестирани и ги повика извршителите исто како и организаторите да побараат амнестија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот