Фото: Архива

Затворени училишта и градинки во Грција поради појава на стрептокока

Поради пријавата на повеќе случаи на инфекции од бактеријата стрептокока кај деца на училишна и предучилишна возраст, повеќе училишта и градинки во Северна Грција, на Крит и во Атика и денеска се затворени, објавија грчките медиуми.

Две градинки во Атина се привремено затворени од превентивни причини, за да се спроведе дезинфекција во просториите, соопштија општинските власти.

Но Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ) не препорачува затворање на образовните институции и уверува дека и дезинфекцијата на просториите може да биде повеќе штетна отколку корисна за справување со опасната бактерија.

„Разбирливо е што општините и родителите сакаат да направат нешто за да ги заштитат своите деца, но тоа нема да ги заштити нив, тоа е сигурно. И можеби дури и ќе ги изложат. Значи, нема потреба да се затвора училиштето, не е потребна дезинфекција, воопшто не е корисно, дури може да биде и штетно“, изјави за ЕРТ, претседателот на ЕОДИ, Христос Хацихристодулу.

Во соопштението издадено од Националната организација за јавно здравје, се истакнува дека „стрептококата од група А, позната и како пиогена стрептокока или iGAS (стрептокока од група А), е бактерија која може да предизвика разни инфекции кај луѓето, обично благи, но во ретки случаи многу сериозни, дури и фатални ако не се лекуваат соодветно. Еден процент од луѓето ја носат бактеријата во грлото или кожата без да се разболат, со што стануваат здрави носители на бактеријата. Стрептококата од група А се пренесува преку заразени капки од секрети на пациенти, контакт со заразени кожни лезии на пациентите и контакт со здрави носители на бактеријата. Преносот се прави полесно од луѓе кои имаат симптоми и се болни отколку од здрави носители“.

Од ЕОДИ информираат дека бројот на пријавени случаи на стерптокока не е алармантен во однос на претходните години, туку и се намалува и успешно се лекува. Во 2023 година во Грција се регистрирани 90 случаи, а во 2024 година 68. Од почетокот на годинава пријавени се само 25 случаи на тешката форма на стрептококна инфекција/инвазивна форма од група А.

„Во исто време, со текот на времето, во заедницата на целата територија се забележани стотици случаи на стрептококна инфекција (на пр. фарингитис, инфекција на кожата, шарлах итн.), кои успешно се лекуваат со соодветен антибиотски третман“, нагласуваат од ЕОДИ.

Оттаму препорачуваат да не се затвораат училиштата, туку болното дете да се изолира во домашни услови додека не добие соодветен антибиотски третман и спроведување на засилени мерки за лична хигиена, редовно миење раце, избегнување на употреба на предмети од други деца (на пр. чаши итн.).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот