ФОТО : Архива

Застојот на патот кон ЕУ ги прави земјите од Западен Балкан ранливи на кинеско влијание

Повеќе истражувања на тема „Какво е и колкаво е влијанието на Кина во земјите од Западен Балкан“ говорат дека тоа претставува сериозен економски-политички проблем, особено кога станува збор за усогласувањето на политиките на земјите аспиранти како што е Македонија со оние на ЕУ. Имено, на оваа тема, вчера беше промовирана и публикацијата во земјава именувана како „Влијанието на Кина врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“.

Ана Крстиновска една од авторките на оваа публикација смета дека кинеското влијание во земјите од Западен Балкан е најизразено во трговските односи, а во последната деценија се зголемува најмногу поради воспоставената соработка помеѓу Кина и Централна и Источна Европа, но стагнацијата на дел од земјите на Западен Балкан кон ЕУ отворила дополнителни можности за Кина да го зголеми влијанието, без разлика дали се работи за деловно присуство или некој друг тип на влијание.

Главно зголемувањето на влијанието го гледаме во економијата преку зголемена трговска размена, но во превод тоа значи во голема мера зголемен увоз од Кина кога станува збор за извоз нашиот извоз малку се зголеми, но тоа не е во согласност со нашите очекувања колку можеме да увезуваме со оглед на големината на пазарот во Кина, вели Крстиновска.

Кинеското влијание во Македонија изразено преку инвестиции

Иако Македонија е земја која е најмалку атрактивна за Кина, се забележуваат кинески компании кои купиле странски компании кои имаат фабрики или производствени погони во нашата држава, па индиреткно и тие производствени поогони во нашите технолошки развојни зони се во кинеско сопственост, исто така гледаме кинеско присуство преку инфраструктурни проекти, кај нас е автопатот Кичево – Охрид.

Крстиновска вели дека кинеското влијание не би требало да се оценува како лошо, но дека има примери за негативно влијание како што е склучувањето на договорот за автопатот Кичево – Охрид.

-Единствено се вбројува автопатот Кичево – Охрид затоа што и самата постапка за доделување на договорот беше нетранспарентна и понатаму иако СДСМ имаше можност да го раскине, сепак го продолжи со дополнителни анекси во износ од 200 милиони евра и гледаме дека проектот не е ни блиску да биде завршен. Така што, тоа е еден пример кој реално ги отсликува негативните аспекти поврзани со кинеското присуство кај нас, покрај тоа немаме поголеми проекти инфраструктурни или инвестиции со негатвно влијание за разлика до Србија, изјави таа.

За тоа дали ова влијание ќе се одрази на нашиот процес кон ЕУ таа рече дека тоа зависи само од нас и спроведувањето на реформите кои помеѓу другото подразбираат и ограничување на просторот за надворешно влијание.

-Она што е важно на патот за ЕУ е како ние ќе се поставиме и колку ние ќе имаме желба да ги спроведеме реформирте. Кинеското присуство во државата може да биде позитивно доколку го искористиме како позитивно, а може да биде негативно доколку дозволиме склучување на јавни набавки кои не се во согласност ниту со нашето законодавство ниту со европската регулатива. Спроведуваме реформите за членство и дел од тие реформи ќе придонесат кон ограничување на просторот за делување на кинески компании или за склучување на неко зделки зад затворени врати како што тоа беше често случај во изминатите години, меѓутоа сама по себе Кина или кинеското присуство не можеме да кажеме дека е главна пречка, оцени Крстиновска.

Луѓе пред ЕУ инфо центар во Скопје / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески
Економските односи со други земји не се лоши, но фокусот треба да биде кон европските цели

Директорот на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, Даниел Браун истакна дека  иако трговските, односно економските односи со други земји не се никогаш лоши, но порача дека е многу важно да се стави фокус на целите кои ги има ЕУ а се ралзични од кинеските.

-Кина и ЕУ имаат различни цели, тоа не значи дека ние не смеме да користиме технологија од Кина, но ако имам безбедносни несигурности тогаш можеби би требало да се запрашаме дали ќе ја користиме. Не треба да се прекинат сите односи со Кина, но треба да сфатиме дека станува збор за две страни со различни цени, никој не вика да не учиме кинески, туку да бидеме свесни што може да произлезе од нашите акции. Верувам дека луѓето во регионот примаат позитивни поени од Русија и Кина како резултат на разочарувањето во ЕУ, поради процесите за приклучување кон ЕУ. Затоа дури и во случај кога не сме сигурни дали во скоро време земјите од регионот ќе се приклучат треба да работиме на зајакнување на конекциите, давање на повеќе бенефиции кои ги уживаат земјите на ЕУ за земјите од Западен Балкан, смета Браун.

Кинеско знаме/ Фото EPA-EFE/MARK R. CRISTINO
„Челичното пријателство“ на Кина и Србија крунисано преку слободната трговија

Кога станува збор за кинески инвестиции, Србија дефинитивно е најатрактивна земја, а голема улога има и блискоста меѓу двајцата лидери од овие земји. Тоа се докажа и со вчерашното потпишување на договорот за слободна трговија со кој двете држави ќе можат да извезуваат и увезуваат суровини без царински трошоци или со значително пониски тарифи. Покрај овој договор, двете земји потпишаа и меморандум за размена и соработка во областа на политиката за економски развој, меморандум за заедничко подобрување на индустриската и инвестициската соработка и среднорочен акциски план за иницијативата „Појас и пат“.

Србија е земја која преговара за членство во Европската унија, но истовремено ги зајакнува односите со Кина, со која соработува на полето на инфраструктурата и одбраната. Претставниците на двете земји со години ги опишуваат нивните меѓусебни односи како „чесно пријателство“.

Фото: EPA-EFE/YAN YAN / XINHUA CHINA OUT / UK AND IRELAND OUT /

Заклучоците од промоцијата на публикацијата „Влијанието на Кина врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“ имаше за цел да поттикне дискусија за тоа во кои сфери е застапено кинеското влијание и кои можат да бидат последиците во иднина.

За нас е важно да придонесеме кон отворање на трибина, на една дебата за влијанието на Кина, нејзиното присутво во регионот и да се детерминира нејзиното позитивно и лошо влијаие во регионот, исто така во колку сфери делуваат и колку тоа влијае на поткопување на авторитетот на ЕУ во регионот и колку влијанието на Кина може да биде штето за евроантлантскиот процес за кој сите земји во регионот се залагаат, и како можеме ние земјите и ЕУ да делуваме за да се сузбие или да се одговори соодветно за нејзиното влијание, појасни Катерина Јакимовска од Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.

Инаку генерално заклучоците од панелот се дека како и за руското и за другите актери кои не се европски, доколку стагнацијата во европската интеграција продолжи логично е да очекуваме засилено присуство на другите неевропски актери во земјите од Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот