
Зарко Милошевски во вторник ќе реферира за државјанството на Онишченко, Димовски може да извиси за амбасадор
Новиот директор на АНБ Зарко Милошевски во вторник ќе реферира пред собраниската Комисија за надзор над безбедносните служби за скандалот со македонскиот пасош за олигархот Олександр Онишченко. Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов веќе го закажал продолжението на Комисијата откако минатата недела таа беше прекината, бидејќи не дојдоа ни актуелниот Милошевски, ни ексдиректорот на АНБ Виктор Димовски. Од друга страна, скандалот „Онишченко“ може да биде пресуден за Димовски сепак да не замине за амбасадор во Париз и покрај веќе добиениот агреман.
Препорачано
Премиерот Ковачевски информира дека по комисискиот надзор за случајот Онишченко, Милошевски за наодите од извештајот на АНБ ќе реферира и на затворена владина седница за да се преземат соодветни чекори согласно наодите од извештајот.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во гостување на Канал 5 ТВ навести дека пред Нова година, Милошевски ќе реферирање пред Комисија каде ќе презентира наоди од новата истрага. Пренџов пак, не прејудицира дали на Комисијата ќе продолжи расправата по извештајот на Димовски ( која беше прекината бидејќи пренос од затворената седница одеше на собранискиот канал) или по новиот извештај подготвен од Милошевски. За него е битно Комисијата да си ја заврши работата и да се лоцира одговорноста за скандалот.
Според изјавата на Пендаровски, се очекува Милошевски да реферира за нови наоди од интерната истрага.
–Знаете дека АНБ имаше истрага, знаете од кои причини со поранешниот директор тоа не беше одреферирано во Комисијата. Новиот директор дал задача, во формална смисла не знам – дали да се прошири или да се обнови целата постапка за тоа каде може да се лоцира одговорноста, зборувам само во системот на АНБ. И последните сознанија за тоа би требало тој да ги соопшти пред надлежната собраниска комисија. Не знам дали е завршена таа истрага, меѓутоа чув, ми кажаа, официјално бев информиран дека ќе сака да се направи, дали потемелна истрага, и да се откријат сите аспекти на постапувањето или непостапувањето на вработените во АНБ. И дека тоа ќе го презентира. Моја претпоставка е, бидејќи се работи за сензитивни информации во принцип, дека таа седница ќе биде затворена за јавноста – рече Пендаровски.
Тој потврди дека неколку амбасади, меѓу кои и американската, на билатерална основа се интересирале за овој случај.
–На Американците посебно им е битно и интригантно да расчистиме со овој случај, затоа што во 2016 година според нивните информации Онишченко се мешал во американските избори – рече Пендаровски.
Шефот на државата не сакаше да прејудицира за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека и новиот директор на АНБ е одговорен за скандалот „Онишченко“, како потписник на документот за македонското државјанство за олигархот.
Освен за Онишченко, ВМРО-ДПМНЕ го прозива Милошевски и за неговата улога за случаите „Диво насеље“ и „27 април“.
Скандалот „Онишченко“ ги помати сметките и за заминувањето на Димовски за амбасадор во Париз откако влијателни земји членки и стратешкиот партнер САД упатиле критики претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи да ја преиспитаат одлуката Димовски да биде новиот македонски амбасадор во Франција.
–Од моите контакти со премиерот и министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да испитаме дали би требало да останеме на ова решение или и некои други опции би влегле во игра – изјави Пендаровски во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ.
Неколку месеци пред да избие скандалот со случајот „Онишченко“ за Димовски бил добиен агреман од Франција, но постапката сè уште не е завршена односно Пендаровски не добил известување од Владата во кое му сугерира да го даде указот за упатување.
Шефот на државата информира дека во наредните денови или недела-две ќе се консултира со Владата за 10-15 амбасадорски позиции што се испразнети и декаво рамките на тоа ќе го отворат и прашањето за Димовски.
–Постапката за именување амбасадор почнува преку Владата која ми предлага мене и јас давам првична согласност. Велам: се согласувам со предлогот, можете да ја продолжите постапката. Тие имаат понатаму подготовки, се бара агреман од државата каде треба да оди. На крајот кога ќе заврши се, Владата повторно ми пишува преку МНР и вели дека: се е завршено, сега треба да го упатите. Вакво нешто, втор допис во кој владата вели дека се е океј, и ве молиме само да потпишете указ, Владата ми нема доставено затоа што од моите контакти со премиерот и министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да испитаме дали би требало да останеме на ова решение или и некои други опции би влегле во игра – вели Пендаровски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ставот на Пендаровски го толкува како негово признание дека земји сојузници барале Виктор Димовски да не биде амбасадор
–Стево Пендаровски се изгуби вечерва помеѓу желбата како полтрон да се истакне во СДС за да добие поддршка за кандидатура и да биде аналитичар допадлив за јавноста. Пендаровски призна дека влијателни земји, наши сојузници имале критика до Владата, Виктор Димовски да не оди амбасадор во Франција, како што сака Ковачевски. Проблемот со Виктор Димовски е заради случајот „Онишченко“, човек кој се мешал и во изборите во САД, како што кажа Пендаровски. Пендаровски призна и дека Ковачевски направил грешка со назначувањето на Зарко Милошевски за директор на АНБ бидејќи и тој како и Виктор Димовски е дел од скандалот со Онишченко – реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Против заминувањето на Димовски за амбасадор во Париз е и опозициската Алијанса за Албанците. В.д Претседателот на Алијанса Арбен Таравари побара Пендаровски да го отфрли указот за Димовски и за скандалот со Онишченко, но и поради „блиските односи на Димовски со Србија“.
– Од претседателот на државата се очекува да го заштити државниот интерес и односите со сојузниците, а не да го спушти нивото на преговори меѓу политичките партии за компромитиран и недостоен поединец за амбасадорската функција. Доколку сепак Димовски биде именуван, ги охрабруваме нашите француски пријатели да не го прифатат како амбасадор во Париз – рече неодамна Таравари.
По скандалот со Онишченко, шефот на државата прв навести дека е можно Димовски да не замине за Париз. тој во изјава за „Слободен печат“ најави дека допрва ќе има консултации со Ковачевски и со Османи и покрај добиениот агреман за ексдиректорот на АНБ. По изјавата на Пендаровски, консултациите ги потврди и Османи. Тогаш шефот на дипломатијата рече дека нема да се чека извештај од истрагата, бидејќи она што треба да се донесе политичка одлука.