
Започна снимањето на „Ѓаволот носи Прада 2“: Филмот пристигнува во клучен момент за модната индустрија
Продолжението на „Ѓаволот носи Прада“ доаѓа во клучен момент за модната индустрија која што беше инспирирација за неговото снимање, објавува Си-ен-ен.
Препорачано
Студиото „20th Century“ преку социјалните медиуми објави дека продолжението на иконскиот филм од 2006 година официјално е во продукција.
Веста доаѓа во време кога Ана Винтур, долгогодишната главна уредничка на „Вог“ и жената за која се верува дека го инспирирала ликот на бездушната уредничка Миранда Пристли, се повлекува од својата уредничка улога по речиси четири децении.
Оригиналниот филм е базиран на истоимената бестселер книга од 2003 година од Лорен Вајсбергер, која некогаш работела како лична асистентка на Винтур во „Вог“.
Заплетот следи млада и наивна њујорчанка, играна од актерката Ен Хатавеј, која добива работа во модно списание. Ликот на Миранда Пристли, мајсторски играна од Мерил Стрип, стана симбол на ригорозните шефови во сите индустрии, а улогата ѝ донесе една од многуте номинации за Оскар.
Продолжението ја враќа оригиналната екипа – Мерил Стрип, Ен Хатавеј, Стенли Тучи и Емили Блант. Сепак, добро познатата екипа добива засилување бидејќи актерот Кенет Брана се приклучува на екипата на „Ѓаволот носи Прада 2“. Продолжението го режира Дејвид Франкел, кој го режираше и оригиналот, а датумот на објавување сè уште не е познат.
Патем, Винтур, која не беше секогаш воодушевена од тоа што нејзиниот лик се идентификува со фиктивната Пристли, еднаш самата коментираше за филмот.
„Филмот е, секако, фикција. И како што вели мојот издавач во филмот – не сум секогаш топла и слатка. Ми се допадна што филмот покажува колку труд всушност се вложува во правењето списание“, рекла таа во 2009 година.