Сини шлемови ОН / Фото: blickwinkel / Alamy / Alamy / Profimedia

Западни трупи во Украина, мит, реалност или пресврт?

Испраќањето западни војници како мировници, засега, иако се чини можно, состојбите на терен не навестуваат дека сепак тоа е изводливо во целост. Она што е нејасно и во ист момент e мистерија во натписите на светските медиуми е дали ЕУ, односно Западот всушност може да обезбеди неколку илјадници мировници за Украина долж демаркационата линија со Руската Федерација?

Имено, според натписите на светските медиуми, само неколку часа откако САД, заедно со Русија, гласаа за резолуцијата во Обединетите нации што го штити Владимир Путин од критики за војната во Украина, а претседателот Доналд Трамп даде гаранции дека рускиот лидер се согласил за влез на европските сили во Украина, Москва ја демантираше неговата изјава.

Како што наведува „Гардијан“ на темава, на прашањето за тврдењето на Трамп дека Русија е отворена за распоредување европски мировни сили во Украина, Кремљ ги упати новинарите на претходната изјава дека таквиот потег би бил неприфатлив за Москва.

Русија постојано вели дека се противи на присуството на војници на НАТО на украинска територија, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров минатата недела изјави дека Москва ќе го смета тоа за „директна закана“ за суверенитетот на Русија, дури и ако трупите дејствуваат таму под друго знаме.

Запрашан за коментарот на Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се воздржа од јавно оспорување на изјавата на американскиот претседател, но во суштина го повтори руското противење на идејата.

„Постои став за ова прашање искажан од рускиот министер за надворешни работи Лавров. Немам што да додадам или да коментирам. Ова го оставам без коментар“, рече Песков.

Трамп во понеделникот, за време на состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон, рече дека и тој и Путин ја прифатиле идејата за европски мировни сили во Украина доколку се постигне договор за ставање крај на војната.

„Да, тој ќе го прифати тоа“, рече Трамп. „Му го поставив тоа конкретно прашање. Тој нема проблем со тоа.“

Колкав број на војници може да се соберат за Украина?

Онаа бројка која се лиферува во светските медиуми е дека за да се покрие тампон-зоната на Украина би требало најмалку да се обезбедат околу 100.000 луѓе кои без ротација би го покриле разграничувањето.

На хартија, меѓународните мировни сили од 100.000 луѓе може да изгледаат како најголемите во историјата. Меѓутоа, со оглед на огромната линија на фронтот меѓу Украина и Русија, тој број всушност изнесува помалку од еден вод на километар.

СП Колаж | Мировници во Украина

Должината на активната линија на фронтот во Украина е околу 1.200 километри. Кога ќе се додаде границата меѓу Украина и Русија, фронтот достигнува повеќе од 2.300 км. Исто така, бидејќи Русија планира да стационира илјадници војници во Белорусија, секоја сериозна безбедносна архитектура ќе бара распоредување на меѓународни мировни сили на украинско-белоруската граница, долга околу 1.100 километри.

Каков е европскиот придонес во мировните операции на ОН досега?

Бидејќи САД ја отфрлија можноста за испраќање свои сили, таквите сили ќе треба да се собираат исклучиво од европските земји, забележуваат дел од европските медиуми.
Но, доколку Европа се согласи дека ќе обезбеди 100.000 војници, тоа можеби ќе беше најголемото мирновременско распоредување во историјата на човештвото. За споредба, според податоците на ОН, вкупниот број на мировни сили на ОН ширум светот моментално изнесува околу 97.000 војници.
Од тоа најголемиот придонес во мировните операции на ОН доаѓа од Азија и Африка.

Според податоците од 2024 година, најголемите придонеси доаѓаат од:

  • Непал – 6.247 војници
  • Бангладеш – 6.197 војници
  • Индија – 6.073 војници
  • Руанда – 5.919 војници
  • Пакистан – 4.164 војници

Најголемиот контингент на ОН во моментов има 18.500 војници во Централноафриканската Република, што значи дека Зеленски бара мисија повеќе од пет пати поголема од моменталната најголема мировна операција на ОН, што според многумина аналитичари е невозможна.
Од друга страна европските земји воопшто не учествуваат ни значително во мировните операции на ОН.

Најголемите европски придонеси во 2024 година:

  • Италија – 876 војници
  • Шпанија – 681 војник
  • Франција – 626 војници
  • Германија – 590 војници
  • Ирска – 493 војници

Имајќи предвид дека европските земји придонесоа само со неколку илјади војници во мировните операции на ОН, идејата за обезбедување 100.000 војници за Украина изгледа крајно нереална дури и од оваа перспектива.

Може ли Европа да обезбеди мировници и колку?

Сепак, веќе подолго време се дискутираше за идејата за европски сили во Украина. Разговорите за испраќање војници беа рестартирани во ноември 2024 година, откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД, и додека европските лидери, сочувствителни со поранешниот американски режим, продолжија да ја следат старата агенда.

Но, она што станува сè поизвесно е дека Франција и Велика Британија често споменуваа можно распоредување на војници во Украина.

Ако се исклучат САД, Канада и Турција, земји кои теоретски имаат околу 1,5 милиони војници во европските земји на НАТО, бараните 100.000 војници на Зеленски сочинуваат само 6,94% од вкупните сили на НАТО во Европа.

Но повторно теоретски, доколку сите европски земји испратат 7% од своите војници, Зеленски ќе го добие она што го бара. Сепак, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи.

Многу земји имаат уставни ограничувања кои ја спречуваат употребата на нивните сили во странство. Исто така, некои ќе треба да добијат одобрение од парламентот. Полска е особено внимателна за сето ова поради историските тензии со Украина и границата со рускиот Калининград.

Каде е Лондон во приказната за Украина?

Иако на хартија се чини дека 7% од европските сили би можеле да бидат доделени на Украина, реалноста е далеку посложена.

Аналитичарите сметаат дека мировните сили треба да бидат предводени од британски и француски војници. Сепак, поранешниот командант на британската армија Лорд Данат тврди дека Обединетото Кралство нема доволно војници.

„Нашата војска во моментов е во толку лоша состојба, и по бројност и во однос на способноста и опремата, што ова може да биде многу срамно за Британија. Доколку распоредивме 10.000 војници, ќе треба да ги ротираме на секои шест месеци, што значи дека ова би вклучувало од 30.000 до 40.000 војници. Ние едноставно ја немаме таа бројка – посочи тој.

Што е извесно и реално на терен?

Мировните сили, независно за колкав број станува збор од европските земји, не се невозможни, но за тоа би бил потребен исклучителен политички легитимитет во секоја поединечна земја и одлучност. Згора на тоа, единствениот моментално на власт во ЕУ кој всушност може да даде таква изјава со оглед на поддршката од народот што ја ужива е Виктор Орбан, кој има сосема спротивни ставови од оние што се споменати во европските центри на моќ.

Фото: EPA-EFE

САД веќе јасно ставија до знаење дека таквите сили нема да бидат опфатени со членот 5 на НАТО, додека Русија предупреди дека сите меѓународни сили во Украина без мандат од ОН ќе бидат легитимна цел на руската војска.

Останува дилема дали ЕУ ќе продолжи да спроведува европска одранбена агенда останата од поранешната администрација во САД и ќе испрати масовен воен контингент во воената зона или ќе се најде некое компромисно решение прифатливо за Москва.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот