Патници на Скопскиот аеродром ТАВ/ Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Западен Балкан го напуштиле 2,5 милиони луѓе во последната деценија

Во изминатите десет години, над 2,5 милиони луѓе ги напуштиле земјите од Западен Балкан во потрага по подобар живот, покажуваат податоците на Светската банка. Евростат, пак, предупредува дека до 2050 година населението на овие земји може да се намали за повеќе од 15 отсто — тренд што сериозно ја загрозува долгорочната економска развојна перспектива и продуктивноста на земјите како Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија, пренесува „Сараево Тајмс“.

„Одливот на мозоци“ — масовното иселување на квалификувана работна сила — е еден од најсериозните демографски и економски предизвици. Најмногу се забележува заминување на високообразовани млади луѓе: ИТ-специјалисти, инженери, лекари и други стручен кадар. Според истражувања од 2021 година, повеќе од 70 отсто млади во БиХ размислуваат да заминат, додека во Србија тој процент се приближува до околу 80 отсто, покажуваат податоците на Центарот за студии на миграции.

Секторот на здравство во БиХ е класичен пример на последиците: според Лекарската комора на Федерација БиХ, од 2013 до 2020 година повеќе од 5.000 лекари ја напуштиле земјата. Исклучително долгото образование на медицинскиот кадар, комбинирано со нивното иселување создава директни економски загуби и дополнителен притисок врз здравствениот систем.

Комбинацијата од ниски стапки на наталитет и масовна миграција доведува до забрзано стареење на населението. Како резултат, помал број лица во работоспособна возраст треба да го издржуваат растечкиот број на пензионери — веќе релевантен товар за пензискиот и здравствениот систем (просечната возраст на населението, на пример, во Србија е околу 43 години, а во Хрватска околу 45).

Според процените на Програмата за развој на ОН (UNDP), одливот на мозоци го чини регионот повеќе од четири милијарди евра годишно, што се одразува на падот на бруто-домашниот производ, слабеењето на иновациите и намалените приходи во буџетите. Инвестициите во образование и стручно оспособување, кои ги прават државите, сè почесто завршуваат како придобивка за економиите што ги привлекуваат тие кадри.

Финансискито влијание се чувствува и преку помалку даночни приходи и зголемен притисок врз социјалните и пензиските фондови, што ја намалува способноста на државите да инвестираат во инфраструктура, здравство и образование.

Но, според Сарајево Тајмс, има и позитивни сигнали: Министерството за човекови права и бегалци на БиХ наведува дека во последните пет години преку различни програми за поддршка, во земјата се вратиле повеќе од 15.000 лица, главно високообразовани професионалци. Иницијативи како „Дијаспора за развој“, поддржани од УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, придонесуваат со вклучување на дијаспората во образование и отворање бизниси.

Решенијата, велат експертите, се јасни, но потребен е системски пристап: подобри услови за работа, конкурентни плати, инвестиции во образование и унапредување на бизнис-климатата за стартапи и малите претпријатија, како и целни мерки за врачање и интеграција на експертите што се враќаат. Со такви мерки, миграцијата може да стане и шанса — ако се управува стратегиски и долгорочно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот