Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Замрзнатите цени се против слободниот пазар, Комората на Севрозападна Македонија не забележала трикови со цените

Ние немаме информации за некакви зголемувања на цените надвор од договореното, но сепак би апелирал до компаниите да се придржуваат до она што го договоривме, порача Менди Ќура, претседател на СКСЗМ

Комората на Северозападна Македонија не забележала дека има изигрувања со цените од оние што се договорени со новогодишната акција и жестоко се противи на какви било државни интервенции во смисла на замрзнати цени и маржи. Претседателот Менди Ќура, посочи дека според нивните информации од теренот, ниедна нивна членка не постапила спротивно од договореното со Владата, односно не ги зголемила цените на основните прехранбени производи.

-Радува позитивниот пристап од Владата за креирање на новогодишната кошничка на доброволна основа. Ние немаме информации за некакви трикови со цените надвор од договореното, но сепак би апелирал до компаниите да се придржуваат до она што го договоривме. Според нас, какво било замрзнување на цените или на маржите е против слободниот пазар, а ние оваа теза ја повторувавме и претходно. Го поздравуваме и донесувањето на Законот за нефер трговски практики, кое беше и наше барање со надеж дека ќе се стави ред во трговијата – рече Ќура.

Откако премиерот Христијан Мицкоски истакна дека во изминатиот период некои цени на производите во супермаркетите, но и дел од новата потрошувачка кошничка, се зголемиле за дури 25 отсто, и тој, но и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, потсетија дека трговците, производителите и добавувачите, ветија пред целата јавност дека ќе ја поддржат акцијата, но не се придржуваат до тоа.

– Јас би порачал до трговците, но и до производителите дека имаат време и период до крајот на неделата, доколку има неправилности да ги исправат, да ја намалат цената на прехранбените производи, пред сè за граѓаните – рече Дурмиши. Неговиот заменик Марјан Ристески, пак, порача дека доколку тоа не го сторат, во тој случај Владата во наредниот период ќе донесе уште подрастични мерки, а главната цел им е штитење на стандардот на граѓаните.

За потсетување, Законот за нефер трговски практики официјално стартува од 1 јануари 2025 година, а тој треба да ги среди односите меѓу производителите, добавувачите и трговците. Досега во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики, а спрема тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој Закон. Казните за непридржување кон законските одредби одат и до 20.000 евра, а надлежна за контрола на пазарот е Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот