
Залудни се бонусите за да донесеш нов вработен
Проблемот со недостиг на квалификуван кадар не е само наш туку светски и не треба да нè изненади што работодавачите ќе измислуваат најразлични креативни решенија за да ги пополнат испразнетите работни места, вели Ангел Димитров, генерален директор на „Мода“ Свети Николе
Бонус од 3.000 денари за добредојде во компанијата, но и бонуси од 5.000 до 9.000 денари за да донесеш нов вработен се дел од финтите со кои македонските компании се надеваат дека ќе најдат нови и квалификувани работници, но засега без поголем успех. Меѓу првите што се решија да понудат екстра пари за препорака беше компанијата „Мода“ од Свети Николе, но генералниот директор Ангел Димитров за „Слободен печат“ признава дека ефектот бил незначителен.
Препорачано
Веб-страницата на Агенцијата за вработување во моментов нуди 1.140 слободни работни места во преработувачката индустрија, а дополнително се бараат 1.362 работници во трговијата на големо и мало. Димитров вели дека проблемот со недостиг на квалификуван кадар не е само наш туку светски и додава дека не треба да нè изненади што работодавачите ќе измислуваат најразлични креативни решенија за да ги пополнат испразнетите работни места.
– Ние јавно нудевме и сè уште нудиме по 5.000 денари за секој оној што ќе донесе нов работник, но прилично безуспешно. И нашите колеги од текстилната индустрија во Источна Македонија се обидуваат да го применат истиот рецепт, но бунарот со работна сила во браншата е исцрпен бидејќи од некогашните 60-ина илјади работници, сега во текстилниот сектор останаа од 25 до 26.000. Се снаоѓаме со сезонските вработувања од Агенцијата, но тоа не е решение. Затоа сме и внимателни со порачките, не е само да земеш работа туку и да ја завршиш на време и квалитетно за да не плаќаш бонуси – објаснува Димитров.
Поранешниот претседател на Организацијата на работодавачи вели дека и фабриките во зоните се соочуваат со истиот проблем, па бараат нови работници и на билборди поставени по македонските автопатишта. Тој вели дека ни од септември, кога по традиција ќе се вратат сезонските работници, нема да биде подобро, бидејќи тие главно потекнуваат од туризмот и угостителството, па таму и се враќаат.
– Сите бараат повисоки плати и пензии и ние ја губиме целата енергија, како да го поделиме она што сè помалку го имаме. Од каде што ќе најдеме нови средства за да се пополнат дупките, ако нема нови вработувања, зголемено производство и извоз. Нè очекуваат мачни преговори со странските газди за да ни ја зголемат цената на готовиот производ, оти еве го март ќе стигне и ќе треба да ја зголемиме минималната плата за уште најмалку десеттина проценти – вели Димитров.
Две третини од светските компании „плачат“ за работна сила
Две третини од компаниите (75 отсто) ширум светот пријавуваат дека имаат тешкотии да најдат талентирани работници, покажа Извештајот за светските трендови за вработување за 2023 година на Менпауер-груп, објави грчки Катимерини. Меѓу актуелните трендови е и ротацијата на демографските податоци, на кои работодавачите мора да се приспособат, но без да се фокусираат само на една генерација, исклучувајќи ги другите, помлади или постари.
Подемот на Ген З (родени меѓу 1996 и 2012 година) во човечките ресурси ги наведе бизнисите да го преиспитаат начинот на кој им служат на помладите вработени. Но, работодавачите треба да се приспособат на променливите очекувања на работниците од Ген З, кои ќе сочинуваат 27 отсто од работната сила до 2025 година. Се разбира, и покрај порастот на Ген З во човечките ресурси, постои сериозен недостиг на таленти, бидејќи голем дел од постарите работници секојдневно достигнуваат возраст за пензионирање. Со овој недостиг се соочуваат земјите со високи стапки на предвремено пензионирање, како што се Грција, Франција и Швајцарија. Како резултат на тоа, работодавачите треба да се приспособат за да утврдат како најдобро да ги користат постарите работници.
Студијата покажа дека само 19 отсто од менаџерите за вработување активно бараат да ангажираат пензионери што сакаат да се вратат на пазарот на труд. Горенаведеното покажува дека фокусирањето само на една возрасна група или демографија сериозно ќе ја ограничи способноста на компанијата да ги најде вистинските луѓе и таленти.