
Законот за трагедијата во Кочани не е обичен закон, туку е морална и институционална обврска, порача Спасовски
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски на денешната прес-конференција упати критики до владејачкото мнозинство кое не го поддржа законот за трагедијата во Кочани, предложен од СДСМ.
Препорачано
Спасовски нагласи дека ова не е обичен закон, туку е морална и институционална обврска. Според него овој закон, кој освен за Кочани требало да се однесува и за семејствата за жртвите и повредените од други трагедии како Ласкарци, Модуларната болница и.т.н, требало да биде закон за обединување, единство, солидарност и сплотеност.
„За“ гласаа само пратениците од СДСМ и Левица.
„Сметаме денеска требаше да се најде на дневен ред еден ваков текст, кој што не е обичен законски текст, туку е морална, институционална обврска, и овој предлог закон произлезе од најголемата трагедија во што се случи во државата“, рече Спасовски.
Тој потсети дека во трагедијата загинаа 62 луѓе, а преку 200 се повредени и дека тоа оставило психолошки и социјални последици кај семејствата и дека настанот ги истакнал системските пропусти во доменот на безбедносните стандарди и институционалната подготвеност за справување со вакви катастрофи.
Спасовски посочи на делови од законот, со кои меѓудругото, беше предвидено семејствата на загинатите и повредните да добијат и финансиска поддршка, но и здравствена и психолошка и друго.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ образложија зошто нема да го поддржат законот.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка за законот за настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани поднесен од СДСМ и нема да дозволи трагедијата во Кочани да биде злоупотребена за политички маркетинг преку лошо напишани, неусогласени и политички мотивирани закони“, изјави пратеникот Бране Петрушевски.
Тој додаде дека овој предлог-закон е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постоечки законски права.