Законот за средните верски училишта е противуставен и ја поткопува секуларноста, вели Исмаил од Левица

На вчерашната собраниска седница, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил-Хактан, реагираше на предлог-законот со кој верските средни училишта би добиле статус рамноправен со државните училишта, овозможувајќи им на дипломците пристап до сите факултети. Тој го оцени законот како директен удар врз секуларноста на државата, посочувајќи дека со овој потег се руши уставниот принцип на секуларност, односно на одвоеност на верата и државата.

Пратеникот потсети дека пред само неколку месеци Уставниот суд укина ваква одлука на техничката влада на Талат Џафери, токму поради кршење на Уставот, кој забранува верско влијание и симболи во јавниот образовен систем. „Наместо да се унапредува квалитетот на световното образование, кое самата Влада го признава како проблематично, се отвора простор за религиската догма да стане рамноправна со научното и критичкото мислење во образованието“, смета Исмаил.

„Интеграцијата на верските училишта во јавниот систем, особено без надзор од Министерството и Бирото за образование, отвора сериозни правни и општествени прашања. Наместо да се зајакне секуларната држава, овој Закон ја поткопува нејзината основа, бидејќи ги изедначува верските догми со световното образование и создава простор за индиректна религиска индоктринација под покровителство на државата. Со тоа се нарушува уставниот принцип на одвоеност меѓу државата и верските заедници и се отвора опасен преседан кој може да доведе до дополнителна ерозија на образовниот систем“, рече пратеникот на Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот