
Законот за кибербезбедност најмногу ја тангира енергетиката
Хидроцентралите, термоцентралите и далекуводите се стратешки приоритет
Министерството за дигитална трансформација ќе го води тој процес, а ресорот Енергетика ќе биде вклучен, објасни министерката Сања Божиновска. Најважно и државата, но и граѓаните да се безбедни, бидејќи се работи за објекти од национално значење
Препорачано
Законот за кибербезбедност ќе биде насочен кон Министерството за енергетика, потврди министерката Сања Божиновска, потсетувајќи дека енергетиката е многу важен сегмент, а особено поради фактот дека лани имаше кибернапад насочен кон МЕПСО, кој траеше повеќе месеци.
-Тоа е критична инфраструктура за целата држава и тука мора да ставиме поголем акцент, односно да ги заштитиме далекуводите и целото нашето производство, како и хидроцентралите и термоцентралите. Тоа се многу важни објекти од национално значење како што е секаде во светот. Веќе разговаравме за ова со министерот за дигитална трансформација и ќе работиме интензивно, а овој закон е полн со новини – рече Божиновска.
Таа објасни дека Министерството за дигитална трансформација ќе го води процесот, а ресорот Енергетика ќе биде вклучен, бидејќи е најважно и државата, но и граѓаните да се безбедни, поради нивното национално значење. Според неа сè уште не е разговарано кој ќе се грижи за безбедноста на енергетската инфраструктура и дали ќе бидат ангажирани приватни компании.
-Не сме дојдени до таа точка, но за нас е најважна безбедноста – истакна министерката за енергетика.
Во однос на тендерот за Чебрен и Галишта, Божиновска потенцира дека работната група која е координирана од МЕ, студиозно работи од декември минатата година.
-Програмите на ЕСМ датираат од 1962 година, а како што ви е познато, досега имаше 14 неуспешни тендери за Чебрен и Галишта, така што овојпат сакаме да го направиме како што треба. Прво да видиме колку ќе нè чини. Најдобро би било државата сама да инвестира, но потсетувам дека сепак се работи за проект од над една милијарда евра, што не е мала ставка за нашиот буџет. Сакаме да биде македонски државен проект, но сè уште ги прибираме проценките и во наредниот период ќе одредиме кој метод ќе го примениме – објасни Божиновска.
Таа откри дека е направен првиот чекор со Законот за енергетика и тој сега чека потпис од претседателот на Собранието и од претседателката на државата. Но, веќе се изработува Методологијата за енергетска сиромаштија, некои фирми размислуваат за батерии, а потоа ќе следуваат и подзаконските акти.