Влада зграда
Фото: Архива на „Слободен печат“

Законот за реорганизација на Владата прв тест за двотретинско мнозинство

На власта ѝ се брза законот да биде донесен пред да се формира новата влада предводена од Христијан Мицкоски и се надева дека ќе обезбеди двотретинско мнозинство. Опозициските СДСМ и Европскиот фронт прво сакаат да го видат законското решение, бидејќи, како што велат, на невидено нема поддршка за трансформација на владините ресори

Законот за реорганизација на Владата, односно укинување, прераспределба и формирање нови министерства, ќе биде доставен до Собранието до крајот на неделава, најави пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ по првата координација кај новиот претседател на Собранието Африм Гаши. На власта ѝ се брза законот да биде донесен пред да се формира новата влада предводена од Христијан Мицкоски и се надева дека ќе обезбеди двотретинско мнозинство. Опозициските СДСМ и Европскиот фронт прво сакаат да го видат законското решение, бидејќи, како што велат, на невидено нема поддршка за трансформација на владините ресори.

За да го забрза процесот за носење на законот, власта уште утре може да предложи прво да се формираат Законодавно-правната комисија и Kомисијата за политички систем што се неопходни за предлог-законот за Владата, а подоцна да се оформат и другите комисии, работни тела и делегации. Истиот ден се очекува да се верифицираат мандатите на уште двајца пратеници, кои поради прегласувањето не беа верифицирани со преостанатите 118 колеги од Собранието.

Никола Мицевски – комисија за избори и именувања / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Законот е предизборно ветување што го дадовме пред граѓаните. Во моментов работиме на законот за организација на органите на државната управа, односно преструктуирање на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да профункционира тоа што, впрочем, е барање на граѓаните. При крај сме со целото законско решение, очекуваме деновиве и официјално да биде поднесено и да ја запознаеме јавноста и колегите од другите пратенички групи за да добиеме поддршка на тоа што планираме да го испорачаме. Очекувам дека законот ќе се донесе пред формирањето на Владата – рече Мицевски и додаде дека приоритет е да ги формираат комисиите.

Халил Снопче

И пратеникот од коалицијата „Вреди“ Халил Снопче рече дека не гледа причина опозицијата да го одбие предлогот за реорганизација на Владата бидејќи, како што вели, е за подобра функционалност, како и за реализација на владината програма.

– Сметаме дека треба да се поддржи барањето. Тоа е во склад со реализација на програмските определби – рече Снопче.

 

Тој информира дека во моментов, новото владино мнозинство го сочинуваат 78 пратеници.
Но, на опозициските СДСМ и Европски фронт не им се брза за законот. Оливер Спасовски од СДСМ вели дека пратеничката група се координирала и разговарале за прашања што се важни за нивната пратеничка група и за пополнување на комисиите, работните тела и на делегациите.

Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

– Дали ќе ги поддржиме законите за реформа на администрацијата? Прво, тие закони треба да дојдат во Собрание. На невидено поддршка или не може да биде дадена. Да ги видиме прво законите, што пишува и на основа на тоа ќе одлучиме и на ниво на партија и на ниво на пратеничка група – рече Спасовски.

И Блерим Беџети од Европскиот фронт не сакаше да се изјасни пред да го видат предлог законот.

– Не сме го виделе законот, кога ќе го разгледаме ќе се изјасниме. Реорганизацијата на Владата ѝ служи само на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма и во неколку институции кои ќе ги водат нелегитимните претставници на Албанците на кои им се одземаат надлежностите и во старт се докажува дека без легитимитет секој може да си поигрува со ресорите и со надлежностите – изјави Беџети.

Фото: Слободен печат

За поделбата на комисиите, Спасовски рече дека таа се прави по формула според големината на пратеничките групи, но и дека законски е определено кои комисии ѝ припаѓаат на опозицијата.
Според информации од Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи со 10 работни тела, по три им следуваат на СДСМ, Вреди и на Европскиот фронт и со по едно работно тело ќе раководат Левица и Движењето ЗНАМ. Законски опозициските партии раководат со Комисијата за финансирање и буџет со комисиите за надзор на работата на службите, како и со Анкетната комисија за заштита на човековите права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот