Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација/ Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Закажување венчавка и пријавување новороденче ќе се врши онлајн, најави Андоновски

„Наша задача е сите услуги од оваа управа, како венчавка, регистрација на новороденче, па и закажувањето на венчавка, да го пренесеме на националниот портал uslugi.gov.mk.“

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека ќе се отворат терминали за услуги, на кои граѓаните ќе имаат пристап до основните услуги, како и закон за пристапност на лица со попреченост до веб-страниците и до мобилните апликации на институциите.

За една година има нови 120 дигитални услуги, намалени се гужвите по шалтерите, најбараните услуги за граѓаните се на дофат побрзо и поефикасно, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

– Бројката се зголемува од 1.000 на 6.000 трансакции месечно, а тоа многу јасно зборува дека луѓето ги користат електронските услуги многу повеќе од што ги користеле во минатото. Истовремено, можам да забележам дека гужвите на шалтерите, барем во Управата за водење на матични книги, не се ништо споредено со она какви беа минатата година. Наша задача е сите услуги од оваа управа, како венчавка, регистрација на новороденче, па и закажувањето на венчавка, да го пренесеме на националниот портал uslugi.gov.mk. Ние имаме ветено во програмата на партијата, дека една од првите услуги коишто ќе бидат крупни и дигитализирани е регистрацијата на новороденче и до крајот на годината и таа ќе ја решиме – рече Андоновски.

Министеротистакна дека се работи на владина апликација која ќе биде апликација за сите граѓани, во која ќе се има пристап до сите услуги кои ги нуди националниот портал.

– Со апликацијата, имаме идеја да се симне во телефоните на луѓето и практично да имаат можност да ги користат овие дигитални алатки, електронската верзија на личната карта и возачката дозвола и електронските услуги. Одлуката да имаме една апликација е со цел на таа апликација да се влечат сите услуги од здравство, административни услуги и други – соопшти Андоновски.

Исто така, Андоновски најави 3 големи потези во дигитализацијата, во интерес на граѓаните.

– Прво, многу ревносно ќе работиме на апликацијата и наша цел е на 1 октомври да ја пуштиме за граѓаните во тест верзија, како и на дигиталниот самит кој ќе биде најголемиот настан за дигитализација во поширокиот балкански регион. Втора работа што можам да ја најавам се терминали за услуги. Нешто што го ветивме и во програмата, тоа се спакувани центри за услуги во еден банкомат, вака најпластично објаснето, за пристап на секој граѓанин до основните 5-6 услуги кои што ќе ги имаме на тој терминал. Третата алатка која што веќе е во владина процедура е тоа што ќе донесеме закон за пристапност на лица со попреченост до веб страниците и до мобилните апликации. Обврска на сите институции ќе биде своите веб страници да ги прилагодат со соодветни темплејти за лицата со попреченост, особено на видот, но и со други алатки кои им стојат на располагање – заклучи Андоновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот