
„Загубата на млади животи е трагедија без мерка, рана што не заздравува“ – стотици студенти одржаа заеднички час пред платото на УКИМ
Стотици студенти, попладнево се собраа пред платото на Унивезритетот „Св. Кирил и Методиј“ за да оддадат почит на жртвите во пожарот во Кочани.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Собирот започна со седумминутен молк во 12 часот, а временските услови не ги спречија студентите да се соберат во голем број и да запалат свеќа, да се потпишат во книгата на жалост, како и да остават цвеќе за жртвите.

На собирот присуствуваа министерката за образование и наука, Весна Јаневка и ректорката на Универзитетот, Биљана Ангелова.
– Никогаш не помислив дека треба да се обратам во ваков тежок момент. Денеска се собравме овде соочени со тага, што зборови едвај можат да ја опишат. Загубата на млади животи е трагедија без мерка, рана што никогаш не заздравува, тишина што одекнува во срцата на оние кои останале. Неподнослива е болката да се изгуби некој полн со живот, некој чиј пат штотуку започнал – порача Ангелова.

Министерката Јаневска им порача на студентите дека нивната присутност денеска значи свесност, солидарност, хуманост, а тоа, како што вели е најважно што заеднички можеме да го покажеме во овие тешки моменти.

-Вашето присуство тука значи свесност, солидарност, хуманост, значи споделување не само на доброто, туку и на тагата и на болката. А тоа е најважно, што младите луѓе и сите ние останати заедно во овие тешки моменти можеме да го покажеме. Тука сме сите заедно да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Болката за починатите е непреболива – порача Јаневска.

Заедничкиот час беше прекинат откако на неколку студенти им се слоши, за што била неопходна и интервенција на брза помош. Дел од студентите ја исвиркаа министерката која држеше говор и замолија да се укаже помош. Јаневска изјави дека пораката е примена, го заврши говорот и се повлече.

Како што соопштија од Универзитетско студентско собрание при УКИМ, заедничката настава и собирите на студентите, ќе продолжат сè до 21 март 2025 година, секој ден, почнувајќи од 12 часот, на кампусите на УКИМ.