
Загрижува ненадејната срцева смрт кај млади луѓе, алармираат лекарите
Ненадејната срцева смрт кај млади луѓе загрижува и важно е да има регистар и скрининг за да се спасат животи – ова меѓу другото го истакнаа експерти, учесници на Вториот состанок за ненадејна срцева смрт во балканскиот регион (2nd International Meeting Sudden Cardiac Death in the Balkan area), што денеска се одржува во Скопје, во организација на здружението „Судска медицина“, заедно со Институтот за судска медицина.
Препорачано
Според „Фокус“, професор доктор Златко Јаќовски, претседател на Здружението „Судска медицина“, рече дека овој настан е важен од причина што ненадејната срцева смрт кај млади луѓе е многу честа појава и најчесто оваа причина за смрт тешко се дијагностицира.
Тој додаде дека исто така многу е важно да се направи еден генерален регистар за ненадејна срцева смрт во нашата земја, но, исто така и во регионот, со цел да се знае точниот број, самиот причинител и дали има евентуално генетска предиспозиција. Тоа е важно, нагласи тој, затоа што преку еден генетски скрининг, што би се направил кај роднините на покојниот, можат да се спасат и животите на роднини.
Целта е, додава доктор Јаќовски, да се унифицира протокол што ќе го користат сите балкански земји со цел да се собираат бази на податоци на соодветен начин од клинички преглед, генетички процедури, лабораториски анализи со соодветни судско – медицински протоколи, хистопатолошки наоди, токсиколошки анализи и генетски скрининзи.
– Кај нас се работи по протокол што ги задоволува сите стандарди за добра дијагноза на ненадејна срцева смрт. Заради тоа што ние ги опфаќаме сите медицински форензични параметри што се доволни да се докаже причината за смрт. Работиме на висока технологија со моментално најдобрите реагенси за детекција на ненадејна срцева смрт и целта е и другите држави околу нас во регионот да го следат истиот протокол. Имаме одлична соработка. Имаме супер научници од регионов и во Европа и се надеваме дека за следниве година, две, три, ќе го направиме тој унифициран протокол со што ќе може на соодветен начин да се прибираат тие бази на податоци. Освен што ќе се дијагностицира причина за смрт, исто така, да се спасат животи на роднините на починатиот, појасни д-р Јаќовски.
Притоа, тој додаде дека едукацијата за личното здравје и водењето здрав начин на живот е многу важна. Но и едукацијата дека живееме во време на персонализирана медицина, со генетски скрининзи за одредени болести, може да се направи превенција и да се спасат животи.
Директорот на Институтот за судска медицина, професор доктор Александар Станков, рече дека ненадејната срцева смрт е една од водечките причини за смрт, во рамките на сите приичнители на ненадејната смрт.
– Со правилна работа, со правилно истражување, може да дојдеме до причините што го предизвикуваат тоа и да превенираме во иднина, да спасиме животи, подвлече тој.