Бисера Костадиновска Стојчевска / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Загриженост во СДСМ поради најавеното признавање на дипломите од верските училишта

СДСМ изразува „сериозна загриженост“ околу предлог-законот со кој верските училишта добиваат статус на средни училишта, а нивните дипломи стануваат признати за запишување на високо образование.

„Иако не поднесовме амандмани, оценивме дека во предлог-законот постојат повеќе суштински нејаснотии и недоречености, кои може да отворат нови правни и институционални проблеми“, рече пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на денешната седница на Комисија за образование, наука и спорт.

Костадиновска посочи дека законот влегува во Собранието без јавна дебата, а граѓаните имаат право да знаат кои образовни модели ќе бидат легитимирани под државна капа. Тука се отвора прашањето за секуларноста и финансиската контрола на ваквите училишта.

– Иако државата формално не ги финансира овие училишта, загрижува отсуството на механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Тоа отвора простор за непознати влијанија и непрегледност во функционирањето на овие образовни институции, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа укажа и на фактот дека засега има отсуство на јасни критериуми за образовната содржина и според достапните информации, наставата во богословските и исламските училишта вклучува верски предмети изведувани од свештени лица, додека основните образовни и педагошки дисциплини се минимално застапени или нејасно дефинирани. Оттука, според Костадиновска Стојчевска, се поставува прашањето: дали овие ученици ќе имаат адекватна подготовка за да продолжат кон наставнички или други стручни факултети?

– Уставниот поредок мора да се почитува. Република Македонија е секуларна држава. Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми, рече пратеничката на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот