
Заев се закани дека ќе го тужи австрискиот амбасадор, вели дека му ги повредил честа и угледот
„Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука, како и впрочем се очекува, без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува“, пишува поранешниот премиер Зоран Заев во реакција на денешното отворено писмо кое австрискиот амбасадор Георг Вуцас го испрати до медиумите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Вуцас упати жестоки критики до македонското правосудство, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, која е во сопственост на братучетка на Заев.
Според австрискиот амбасадор, преку серија манипулации со помош на судии, обвинители, нотари и извршители, валандовската фирма избегнува да плати долг од 4,5 милиони евра кон австриската фирма.
„Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција, да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација, нема да можам ништо друго да превземам, освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот“, вели Заев.
„Јас се сметам за пријател на Австрија и за време на мојата одговорност како премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија. Така што нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ке го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија“, пишува Заев во реакцијата.
Австрија бара да се сменат судии и обвинители во случај со фирма поврзана со братучетка на Заев