Заев: Прочистување на правосудството, ревидирање на досиејата и борба со корупцијата

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција изјави дека и покрај лошиот сигнал од Европската унија за проширувањето, владата ќе остане посветена на испорачување на европските стандарди дома. Тоа ќе биде извршено преку новата Акција 21 која ќе содржи 10 точки.

-Без разлика што Европската унија ни испрати лош сигнал за проширувањето, сите ние и како држава, и како влада, и како народ, остануваме посветени на истиот стратешки колосек. Нема отстапување од стремежите кон остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка. Постигнување и одржување на добрососедските односи, активно учество во Алијансата како членка во НАТО и непоколеблива посветеност на членството во ЕУ, изјави Заев.

Премиерот рече дека нема да дозволат неуспехот на Европската унија со неодобрувањето на преговарачката рамка да предизвика застој во внатрешните реформи.

-Напротив, со уште повеќе верба, посветеност и единство ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома. Испорачуваме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата кон Европската унија со заштитен македонски идентитет и македонски јазик. Ќе продолжиме со реформите, со уште посилен интензитет, рече Заев.

Заев најави Акција 21 која ќе содржи 10 точки. Првата точка содржи прочистување на судството, ревидирање на досиејата и борба со корупцијата.

Втората точка се однесува на продолжување на воспоставениот стандард за отчетност на сите функционери и условување на финансиски надоместоци кон општини со зголемена отчетност.

Третата се однесува на заштита на природата преку замена на нееколошки системи за греење во институциите и домаќинствата, зголемување на енергетската ефикасност, 20 пати поголеми казни за загадувачите, формирање комунална полиција и еко патроли и повеќе заштитени природни богатства.

Четвртата точка се однесува на борбата со ковид-19.Тука спаѓа бесплатна вакцинација за граѓаните, пакети за закрепнување на економијата и зајакнување на здравството.

Петтата точка се однесува на канабисот како лек и економски потенцијал. Премиерот најави измени и дополнувања на Законот за опојни дроги, проширување на листа на дијагнози за медицински канабис, декриминализација и отворена дебата за легализација.

Шестата точка се однесува на нова македонска енергетика со засилено темпо на гасификација на домаќинства и компании, изградба на фотонапонски електрани во ТЕЦ Осломеј, изградба на гасна електрана во ТЕЦ Неготино, изградба на ветерен парк – Богданци 2 и следна фаза за проектот Чебрен.

Со седмата точка се подразбира модернизација на Коридор 8, 937 милиони денари за изградба и реконструкција на канализации и водоводи и 615 милиони денари за изградба и санација на локални улици и патишта.

Осмата точка се однесува на пописот во првата половина од 2021 година. Според премиерот, пописот не е политичко прашање туку статистичка операција, кој би се вршел дигитализирано.

Деветтата точка ќе се однесува на спречување на дезинформациите преку здружена борба со професионалните медиуми и граѓанските организации, штитење на јавниот интерес преку навремено и точно информирање и заедничка борба со НАТО против сајбер напади.

Десеттата точка ќе се однесува на новите економски потенцијали со дополнувања на Законот за данок на имот, законски можности за легализирање на автомобилите со странски таблички и ставање во функција на кеш парите што се чуваат дома или на парите од заштеда или добивка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот