
Заев-Ципрас: Нашите граѓани и регионот заслужуваат подобро од маѓепсан круг на нестабилност и национализам
Договорот од Преспа даде нов моментум на европската перспектива на Западен Балкан, ја врати улогата на ЕУ во регионот и ја потенцираше важноста од трансатлантската соработка во промоција на мирот и стабилноста. Исто така ја истакна и важноста која ОН може да ја има во решавањето на конфликти, особено бидејќи овој договор беше официјално признат од сите членки на Советот за безбедност на ОН, пишуваат поранешните премиери на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за „Еурактив“.
Препорачано
Тие додаваат дека иако товарот на историјата е тежок, кога се има волја, се наоѓа начин, а Преспа, регион кој бил најсилно погоден од граѓанската војна во Грција, од каде што илјадници жители морале да бегаат, денес е симбол за мир, наместо за конфликт и за надеж, наместо за болка.
Сепак, поранешните премиери во текстот укажуваат на тоа дека изминатите шест години, по потпишувањето на Договорот не се движеле во правец во кој тие очекувале.
– Процесот на пристапување во ЕУ на Северна Македонија беше блокиран, прво од Франција, а потоа неколку години од Бугарија. Тензиите во Косово се зголемуваат, а разговорите со Белград не напредуваат. Реториката во Босна и Херцеговина исто така станува поагресивна. Со тоа се загрозува моментумот за проширување на Западен Балкан и покрај одлуките за почеток на преговори со Украина и Молдавија, како и давањето кандидатски статус на БиХ – пишуваат Заев и Ципрас.
Тие порачуваат дека во време на интензивни глобални антагонизми, регионална нестабилност и конфликт, Европа мора да биде проактивна сила која ќе поддржува мир и стабилност, врз основа на меѓународното право и да се постави како силна меѓународна дипломатска сила.
– Кога се сретнавме прв пат во Давос во јануари 2018 година се согласивме дека не може да продолжи како дотогаш, дека нашите луѓе и регионот заслужуваат подобро од тонење во еден маѓепсан круг на нестабилност и национализам – пишуваат поранешните премиери.

Тие додаваат дека уште од самиот старт нивна цел не била да се преправаат дека преговараат, да не успеат и да префрлаат вина, како што правеле останатите претходно.
– Одлучивме дека нашите преговарачи нема да ја напуштат собата додека не се најде заедничко прифатливо решение, без разлика на политичката цена која ќе ја платиме – велат Заев и Ципрас.
Во текстот тие додаваат дека побарале од министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас да ги почнат преговорите, иако очекувале силно противење од тогаш опозициските конзервативни партии на Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис.
– И покрај тоа успеавме да најдеме решение базирано на взаемно почитување на нашите национални позиции, кое постави темели за градење на стартешко партнерство меѓу двете земји и тоа беше прифатено во Европа и пошироко, како најважна и успешна дипломатска иницијатива за мир со години. По изборите во Северна Македонија новото мнозинство имаше провокативни изјави и го прекши текстот и духот на Преспанскиот договор. ЕУ и меѓународната заедниаца мора да стават на знаење дека почитувањето на договорот е единствениот пат до понатамошна демократска интеграција, до членство во ЕУ и претпристапна помош – пишуваат Заев и Ципрас.
Тие додаваат дека кршењето на договорот ќе придонесе за дополнителна дестабилизација на регионот и ќе ја доведе во прашање европската, но и општо, иднината на Северна Македонија.
– Доколку овој услов е испочитуван, ЕУ мора да биде подготвена да го напушти пристапот кој го гледаме изминатите шест години и да започне проактивна улога кон проширувањето – порачуваат Заев и Ципрас.
Тие додаваат дека на земјите од регионот мора да им биде јасно дека мирното решавање на разликите носи бенефити за граѓаните на Балканот и за владите и дека жртвите се наградуваат.
– Како што зајакнува крајната десница, демократите, умерените и прогресивните лидери мора да соработуваат и да ги удвојат нивните напори против национализмот – заклучуваат Заев и Ципрас.